Со три фуриозни победи до финалето над Матиа од Италија, Харбар од Украина и Гарсија од Шпанија, и пораз во финалето од Канинген од Британија, Дејан Георгиевски и Македонското Олимписко Таеквондо напишаа нова државна спортска историја. Сребрениот медал за Македонија е најголемиот успех на Европски Олимписки Игри за државата до сега – објави синоќа градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој е тренер на вицешампионот Дејан Георгиевски.
Со цело срце за Македонија, порача Костовски, по освојувањето на сребрениот медал на третите Европски Олимписки игри во Полска.
Теквондистот Дејан (24) и на Олимписките игри во Токио во 2020 година освои сребрен медал. Тогаш скромното момче од Бутел имаше само 22 години, и стана олимписки вицешампион во таеквондо во категоријата до 80 килограми, а на Македонија и го донесе првиот олимписки медал по пауза од 21 година.
По големиот успех кој ја сплоти нацијата, Георгиевски го доби епитетот Сребрено момче.
По враќањето од Токио за ,,Фокус” изјави дека енергијата и поддршката од народот биле неговата преголема мотивација да вежба уште повеќе, за и во иднина да ја радува цела Македонија. Порача дека за пет-шест години се гледа со нови олимписки медали, и верувал дека ќе биде активен уште два, па и три олимписки циклуси.
Вики Клинчарова