Скринингот со ЕУ денеска продолжува во Луксембург

by fokus

Во Брисел вчера започна скрининг процесот за усогласување на законодавството со ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Од 15-27 септември 2022 година ќе се одвиваат состаноци за областите и поглавјата од Кластерот Фундаментални вредности, кога Комисијата ќе го презентира новото законодавство за овие области. Сите состаноци се одржуваат во Брисел, освен за Поглавјето 18 Статистика што денеска ќе се одржи во Луксембург.

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач, Бојан Маричиќ, во воведното обраќање на првиот скрининг состанок кажа дека преговорите ја прават и ја трансформираат државата на подобро.

-После 17 години чекање имаме историска шанса да обезбедиме европска иднина за граѓаните и Северна Македонија, рече вицепремиерот Маричиќ, додавајќи дека со почетокот на скринингот навлегуваме подлабоко во процесот на реформи, кои вклучуваат имплементација на европски регулативи и придонесуваат за европеизација на општеството и европско функционирање на државата.

Како што соопшти СЕП, Маричиќ пред претставниците на Европската комисија истакна дека Северна Македонија има основа за да оди со добро темпо напред и дека во овој момент сите се максимално фокусирани на секое поглавје и со максимална посветеност и оптимизам да ја исполниме нашата стратешка цел-полноправно членство во ЕУ.

До 27 септември ќе се одвиваат објаснувачките состаноци за овој Кластер, а во периодот од 11 ноември до 9 декември ќе следи билатералниот скрининг, кога ние ќе го презентираме степенот на усогласеност со правото на ЕУ, институционалната поставеност за спроведување на усогласените закони, и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. После тоа Европската комисија подготвува извештај од скринингот кој меѓу другото содржи и наоди и оценка на Комисијата за степенот на усогласеност, капацитетите и заклучоци и препораки, соопштуваат од Секретаријат за европски прашања.

Од Европската комисија за МИА завчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Северна Македонија и Албанија.

-Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.

-Станува збор за технички средби во кои е инволвиран голем број експерти, а ние сме во близок контакт со властите за распоредот на средбите, додаде Писонеро за МИА.

Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.

Билатералниот скрининг го префрла фокусот на земјата преговарач која треба на експертите од Европската Комисија секој пат да им го презентира напредокот во секое од поглавјата. Следува извештај на ЕК што го проценува тој напредок, а извештајот треба да го одобрат и усвојат земјите членки на ЕУ, односно Советот на ЕУ.

Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Северна Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него.

Поврзани новости