Скратен полицискиот час во Грција

by fokus

Од денеска музиката повторно се враќа во угостителските објекти во Грција, а полицискиот час е пократок и ќе почнува во еден часот и 30 минути, наместо 30 минути поп полноќ како што беше досега, во рамките на дополнителното олабавување на мерките во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.

Со измените во полицискиот час, се продолжува и работното време на угостителските објекти до еден часот и 15 минути, а и понатаму ќе работат само во надворешните делови и само за посетители кои седат на маса.

Нема промени за ноќните клубови, дискотеките и внатрешните делови на угостителските објекти, кои продолжуваат да бидат затворени.

Паралелно, од денеска се зголемува и дозволениот број присутни на настаните на отворено од 50 на 75 отсто од капацитетот, во зависност од големината на просторот.

Според заменик-министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас доколку епидемиолошката слика во земјата е добра, од 1 јули целосно ќе биде укинат полицискиот час, а на прославите дозволени ќе бидат најмногу 300 гости, наместо 100 како што е сега.

Актуелните мерки во Грција, освен за грчките граѓани, важат и за туристите.

Професорката и членка на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција Вана Папаевангелу на вчерашната редовна прес-конференција истакна дека епидемиолошката слика во земјата се подобрува, бројот на нови случаи е во просек под 1.000 дневно, намален е на 2,3 отсто процентот на позитивни случаи во однос на направени тестови, а хоспитализирани се 1.700 лица.

Поврзани новости