Скоро шест години институциите не можат да го лоцираат убиецот на Пино: Зошто ми го убивте детето и го скривте во планина?

by Фокус

Кога се зборува за убиецот на моето дете, Али Фукан, не се знае која протекција стои позади него за сите овие години, за толку да биде чуван, бранет, заштитен. Да се биде толку време во бегство, да не можат институциите да го најдат, што можеме да мислиме, освен дека некој има позади него, со растреперен глас за ,,Фокус” раскажува Маја Трпковска, мајка на Пино Секондо (26), кој исчезна кон крајот на 2018 година, а во април наредната година беа пронајдени негови остатоци.

За свирепото злосторство над младото момче, 19-годишна затворска казна доби Ангела Ѓорѓиевска, која тогаш имаше 22 години, прогласена за виновна дека помогнала во извршување на убиството, а пак Али Фуркан (33) се гони за кривично дело убиство, и не е достапен за органите на правдата. По него е распишана меѓународна потерница, но речиси шест години надлежните институции не можат да му влезат во траг.

Случајот со Пино ја потресе македонската јавност, а за истиот известуваа и медиумите во регионот. Мајката со месеци очајно бараше одговори каде е нејзиното дете, излегуваше пред камери, организираше собири на кои поддршка и дадоа бројни граѓани, но и родители и роднини на други лица, кои се водеа како исчезнати. Бараше ажурност од институциите и уште од првиот момент тврдеше дека нејзиниот син не е заминат по своја воља, туку нешто му се случило. Таа остана запамтена како жена која лавовски се бореше за своето дете и трагаше по вистината, не дозволувајќи случајот да падне во заборав.

Дури во април, наредната година, случаен минувач пронајде човечки остатоци во атарот на селото Љуботен, а обдукцијата покажа дека станува збор за Пино. Според обвинителството, осудената Ѓорѓиевска го повикала Пино на средба, каде веќе со возило бил пристигнат Али Фуркан, кој носел пушка. Го однеле Пино до атарот на Арачиново, започнале расправија, и во еден момент Фуркан го застрелал момчето во главата. Потоа, телото го однеле кај Љуботен, го ставиле во дупка и го прикриле.

Мајката на Пино денес живее во Италија, и како што вели за ,,Фокус” се плаши да дојде во Македонија. Разочарана е од системот и од неправдите.

-Да беше само обичен млад човек, досега сигурно ќе беше пронајден. Вака, толку време да не може да се лоцира, што да мислам, освен дека некој стои зад него. Сеедно дали станува збор за Албанец или Македонец, сам, без ничија поддршка, сигурно дека не би можел успешно да се крие со години! Многу ми е страв да дојдам во Македонија, оти тоа е земјата во која немаше правда и не знам дали некогаш ќе има правда. Следам вести за други случаи во Македонија, за Фросина, за Вања, за лица кои со години се водат како исчезнати. Читам дека народот постојано бара правда, ете и тоа што го нема Фуркан е дел од сите тие неправди, и не смее да се заборави. Понекогаш помислувам дали воопшто некој го бара, па дури и дали воопшто е жив по сето ова време, вели Маја.

Набргу по убиството на Пино, почина и нејзиниот сопруг. Помалиот син веќе се отселил од заедничкиот дом и живеел со неговата партнерка, а Маја останала со нивниот домашен миленик, кученцето кое и било верен пријател со години наназад, голема утеха и занимација низ секојдневието. Со синот се труделе да имаат нормален живот, вели дека на некој начин живееле нормално, но истовремено, таа преживувала од ден за ден.

-Ги следам вестите од судењето за тинејџерката Вања. Се прашувам, што е ова, какви се овие случувања, киднапирања??? Дали можеби имало таков план и со Пино? Не ми е сфатливо, две така-речи деца, Ангела и Фуркан, значи млади лица, самите да стојат зад овој злостор. Па, едно маче ако го прегазиш, со ноќи нема да можеш да спиеш! Да убиеш дете, да убиеш човек, како тоа им дошло во глава, да го убијат и да го сокријат телото? Овде два плус два не е четири! Дали мислеле да го киднапираат со некој кој стоел зад нив, милион прашања ми се отвараат и не можам да верувам дека тие сами измислиле да го убијат Пино! Кога само би можела да го вратам времето! Ми недостасува Пино! Да беше од болест, да беше од сообраќајка, ќе си ја стегнеш душата, како што се вели во Македонија, ќе си легнеш на брашното, ќе се помириш… Ама вака, како да сфатиш дека две млади лица одзеле живот на едно дете, еве јас се уште не ја знам причината за оваа свирепост, вели Маја.

Додава дека со помалиот син го негуваат споменот на Пино, и се труделе да тргнат напред.

-На 22-ри октомври заедно со син ми и неговата девојка заедно го одбележавме роденденот на Пино. Да речеме, се трудиме да имаме нормален живот. Избегнувам да гледам вести од Македонија, тешко ми е сето тоа, нема ништо позитивно, одекнуваат крици за правда од сите страни. Во контакт сум со родители на неколку деца кои на свиреп начин ги изгубија животите, со мајката на Кико, со мајката на Натали. Се слушаме, ќе си поплачеме, меѓусебна поддршка, утеха, тоа е, друго нема. Ми остана прашањето ,,Зошто”? Постојано тоа се прашувам, зошто, зошто ми го убивте детето, како можевте да го убиете и во планина да го скриете? Куче, маче, не се убива така, а не пак младо дете. Ете, одговор на причината за убиството немам, вели мајката на Пино.

Ангела Ѓорѓиевска беше обвинета дека на 11.12.2018 година како соизвршител, заедно со лицето Али Фуркан го сторила кривичното дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик. И беше изречена затворска казна од 19 години. Фуркан е недостапен за органите на прогонот, а според соопштението на Обвинителството кое датира од пред пет години, за негово пронаоѓање јавниот обвинител преземал интензивни дејствија. Нови детали околу негово евентуално лоцирање, за сето ова време – нема.

Вики Клинчарова

Поврзани новости