Снежната идила на скопските улици се најде во светски познатиот медиум Гардијан. Во објавената фото репортажа со наслов – Од Кина до Русија, светот во бела покривка во фотографии, сместени се 18 фотографии на снежни пејсажи од Полска, Русија, Германија, Кина, Швајцарија и други земји, а помеѓу нив се наоѓа и фотографијата од Скопје.
Таа е дело на професионалниот фотограф Роберт Атанасовски. На истата е фотографиран маж кој што се движи низ скопските улици, прекриени со дебела снежна покривка. Снежните наноси во Европа, Азија и Средниот Исток направија илјадници километри долга бела покривка, а снежните пејсажи се покажаа како одлична инспирација за многу фотографи ширум светот.
Авторот на фотографијата, Атанасовски, важи за еден од најдобрите професионални фотографи кај нас и зад себе има голем број на награди и признанија. Негови фотографии често може да се видат во светски познати медиуми. Поради посветеноста кон фотографската работа и многуте успеси, го нарекуваат и мајстор на фотографијата.
Вики Клинчарова