Неажурноста и неспособноста на градските власти и Данела Арсовска резултираа со купишта ѓубре по улиците низ Скопје, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму посочуваат дека граѓаните се оставени на пеколни температури да ја трпат миризбата и да бидат изложени на потенцијални зарази.
„Градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ на општините во состав на град Скопје, гледајќи ја неспособноста на градските власти и Арсовска вечерва се самоорганизираат и градоначалниците Тимчо Муцунски на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски на Кисела Вода, Бобан Стефковски на Гази Баба, Александар Стојкоски на Ѓорче Петров и Дарко Костовски на Бутел ќе бидат на терен со општинските служби во чистење на Скопје од ѓубрето во кое тоне градот заради Арсовска и неспосбните градски власти. Со цел брзо и ефикасно чистење побарана е помош од повеќе општини од внатрешноста на државата, управувани од градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, кои ќе испратат возила за собирање на ѓубре“, велат од партијата.
Градоначалникот на Гази Баба Бобан Стефковски информираше дека остварил телефонска комуникација со градоначалниците на општините Илинден и Петровец, Александар Георгиевски и Борче Митевски, со кои се договорил да испратат камиони за собирање на сметот од контејнерите во општина Гази Баба.
Неговиот колега Дарко Костовски од Бутел, пак, се обратил до градоначалникот на Велес Марко Колев, кој, како што информираше Костовски, вечерва ќе испрати механизација и работна сила, која заедно со вработени од општина Бутел ќе спроведат акција за чистење на насобраното ѓубре.
Општина Аеродром, пак, со поддршка на Општина Штип и тамошното јавно комунално претпријатие ќе спроведе акција за расчистување на натрупаниот смет во контејнерите.
„На мое барање, Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов одобри испраќање на механизација и работници кои со поддршка на општинските капацитети, вечерва ќе спроведат акција за расчистување на натрупаниот смет од контејнерите“, напиша градоначалникот Тимчо Муцунски на фејсбук.
Претходно, и градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, кој е од редовите на СДСМ, најави чистење на сметот со сопствени сили.