Скопските градоначалници: „Дрисла“ да ги крене рампите, ќе ја тужиме Арсовска

by Fokus

Советот на Скопскиот Плански Регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со JЈП „Kомуналната хигиена“.  Градоначалниците бараат Град Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од ЈП „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот. Тие излегоа со  иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на хигиената.

Тие ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски соопшти дека предложил депонијата „Дрисла“ да ги отвори рампите за општинскиоте камиони со смет, додека траат преговорите меѓу Град Скопје и вработените во ЈП„Комунална хигиена“.  Тој рече дека тие немаат големи камиони за да го подигнат отпадот од контејнерите од булеварите, но дека со таа механизација што располагаат, ќе го сработат она што може.

„Во моментов чистењето е стопирано затоа што полни камиони чекаат пред Дрисла да бидат пуштени и да се растоварат. Утрово разговарав телефонски и со директорот на Дрисла и добив ветување дека ќе се направи договор кој во текот на денот ќе го имаме. Нашите луѓе отидоа уште утрово да за го потпишат за да може нашите камиони да влезат во депонијата, но уште чекаат“, изјави Герасимовски

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја повикаа градоначалниката Арсовска да поднесе оставка. Велат дека со месеци слушале демагогии од градоначалничката, но дека граѓаните не ги интересира што е проблемот, туку градот да им биде чист зашто за тоа плаќаат.

„ Ги повикувам од ‘Дрисла’ да ги отворат рампите за да ова го сработи некој што е способен. Никој од нас не штити никого што не одел на работа, но не може за сметка на 20-30 луѓе цел град да биде заложник. Факт е дека во моментот 1.200 луѓе во ‘Комунална’ не работат ништо. Никој не може да се блокира градот поради сомнеж за нешто“, рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.

Тие велат дека немаат ингеренции да го решат проблемот, но дека нема да се повлечат и ќе бараат законско решение. Ако нема постапување, најавија кривична пријава против Арсовска.

 

 

 

 

Поврзани новости