„Донесовме заклучок да поднесеме предлог до Владата и до Министерството за животна средина, да ги одземе ингеренциите на Град Скопје врз јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ за да биде поставен владин повереник“.
Ова денеска го изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски по одржаниот координативен состанок меѓу скопските градоначалници.
Како што информираше тој, градоначалниците донеле одлука да побараат обврските да им се предадат на општините.
– Бараме Владата да назначи владин повереник и да започне процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на обврските на општините – рече Ѓорѓиевски.
На состанокот на кој се разговарало за состојбите во Градот и нефункционалноста на претпријатијата присуствувале сите скопски градоначалници, освен двајца кои биле на одмор, но сепак имало нивни претставници.
Ѓорѓиевски додаде дека дополнително ќе треба да се разговара со Владата за да се реши проблемот со ЈСП „Скопје“, бидејќи и ова претпријатие не функционира.
– Состојбата со сите јавни претпријатија е алармантна. Граѓаните се жалат дека со часови чекаат да дојде автобус на одредено место. Граѓаните патуваат од една до друга точка со неисправни или полуисправни автобуси. Тоа е работа за која што треба Владата да интервенира, како што беше случајот со плаќањето на долгот. Значи нејасно е како Арсовска не обезбедила средства да се платат рати од времето на Петре Шилегов. Арсовска бара позајмица да купи нови автобуси, а таа не е во можност да ги сервисира останатите рати – рече Ѓорѓиевски.
Темата за расформирање на претпријатијата е дискутирана одамна, посочи градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Но, тој е на став дека ако не се зголемат цените на услугите, проблемот нема да се реши.
„Не би сакал да се сфати дека потребата од поделба на овие две јавни градски претпријатија е само како резултат на тоа што е градоначалник госпоѓата Арсовска. Потребата овие две претпријатија да се поделат меѓу општините е долги години наназад… Но, нема да ги решиме проблемите ако не го донесеме Законот за комунална инспекција, комуналните инспектори тие мора да добијат овластувања да легитимираат, казнуваат, да приведуваат, да побараат притвор и физички да неутрализираат. И уште една работа, ако останеме со овие цени за сервисирање на услугите, ние само проблемот ќе го префрлиме од едно место на друго. И цените мора да се расформираат согласно порастот на цените“ – смета Јакимовски.