Наспроти вчерашните 11 заразени на 450 тестирања, денеска има повторно троцифрен број на новозаразени од Ковид 19, односно 115 на 1.665 тестови, покажуваат дневните извештаи на министерството за здравство.
Во државата вкупно 12 лаборатории се одобрени од министерството за здравство за тестирање од опасниот вирус и тоа Институтот за јавно здравје вирусологија, Центар за јавно здравје Скопје, Авицена, Биотек, Жан Митрев, Систина, Лаор Тетово, МАНУ, Судска медицина, ЦЈЗ Битола, скопската Клиника за инфективни болести и Клиниката за гинекологија.
Но, тоа што може уште да се забележи во извештаите од ресорното министерство е дека во последните три денови Центарот за јавно здравје има само еден тестиран сомнителен на Ковид 19 и тоа во денешниот извештај, за разлика од претходните два дена кога нема ниту еден. Скопскиот Центар е задолжен само за тестирањата од пунктовите, односно од скопскиот регион како што се сите други центри од другите градови, чии податоци од тоа колку заразени и починати има на крај се слеваат во Институтот за јавно здравје под раководната палка на Шабан Мемети.
Оттука, остануваат нејасни прашањата која е причината што Центарот за јавно здравје во Скопје има толку малку тестирања, односно освен сега што на извештајот бројката е нула, слична била и ситуацијата кога заразата букна повторно во јуни, па секој ден имаше од 120 до 200 нови случаи. И во тој период, Центарот за јавно здравје имал денови кога немал ниту едно тестирање.
Па така,на 26 јуни кога на дневно ниво имаше 163 заразени од Ковид 19, од кои само 73 во Скопје, Центарот за јавно здравје нема направено ниту едно тестирање, а истата ситуација е и на 1 јули кога имаше 120 заболени од корона на 954 тестирања од кои во Скопје 64 заразени. Инаку, во периодот кога имало од 1.500 до 2.000 тестирања, ЦЈЗ правеле од 0 до 30 максимум на дневно ниво.
„Фокус“ го контактираше новиот директор Александар Стојанов, кој седна на директорското столче на Арбен Зибери, кој беше разрешен од министерот за здравство Венко Филипче за да го прашаме зошто во последните денови скопскиот Центар за јавно здравје има 0 или 1 тестирање. Тој кратко ни одговори:
„Сабота и недела не работат пунктовите. Јас би сакал да останат такви мали бројките на заразени како што се сега – истакна Стојанов.
Според досегашните информации во јавноста, пунктовите мора да работат секој ден, а во Скопје се сместени во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Чаир“.
Факт е дека работата најмногу се слева на грбот на Институтот за јавно здравје, со оглед на тоа што сите центри од сите градови податоците за бројките ги доставуваат до нив.
Го побаравме и првиот човек во здравството Филипче, кој само кратко кажа дека прават тестирања.
Денешните направени 1665 теста се преку: ИЈЗ-243, ЦЈЗ Скопје-1,Авицена-162, Биотек-253, МАНУ -185, Жан Митрев (Филип Втори)-294, Систина со PCR метода -349, лабораторија Лаор –79, Судска медицина-8, ЦЈЗ Битола-62, Инфективна клиника-11, ГАК-18, лаборатории од странство-0. Досега во земјата се направени вкупно 149.934 тестирања на ковид -19. Нема тестирања во рамките на скринингот.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 14455, бројката на оздравени пациенти е 11525, на починати е 604, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2326.
Ирена Мулачка