Скопскиот пица-ресторан Мато Наполетано, кој пред две години успеа да ја постави Македонија на европската гастрономска мапа, добивајќи признание во Милано на ,,50 Top pizza”, и тоа во 2022 се најде на 41-то, а пак лани на 25-то место, во друштво на престижни европски локали, и годинава од Наполи се врати со признание.
Зад пицеријата стојат творците Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски, кои раскажуваат дека на настанот во Наполи биле рангирани на 81-то место помеѓу сто најдобри пица-ресторани во светот.
“Пред два дена, на гала настан одржан во театарот Маркаданте во Наполи беа прогласени 100 најдобри пица ресторани во светот за оваа година.
Светската престолнина на пицата уште еднаш беше домаќин на сите глобално релевантни производители, пица експерти, инспектори и познавачи.
Уна Пица Наполетана од Њујорк е најдобра пицерија во светот за 2024, следена од наполитанската Диего Витаљано на второто место и Масаниели од Касерта Италија на трето место.
Веќе традиционално помеѓу наградените е и нашиот единствен претставник на светската гастрономска мапа, скопската гордост – траториа Мато Наполетано. Годинава сме рангирани на 81-то место помеѓу 100 најдобри пица ресторани во светот, откриваат од Мато Наполетано.
Додаваат дека ова глобално признание заокружува една неверојатно успешна година за нив.
-Претходно годинава во Барселона бевме прогласени за 16-та најдобра пицерија во Европа 2024, бележејќи го нашиот историски највисок пласман онаму каде знаете дека конкуренцијата е најсилна.
Дополнително, од тогаш гордо ја носиме и наградата од Перони за ,,Најдобар пиво сервис” за 2024 година во Европа.
Сега еве и овој веќе традиоционален, исклучително значаен пласман помеѓу светската елита на крајот за 2024, барем кога признанијата се во прашање, раскажуваат од пица-ресторанот, кој се наоѓа на улица ,,Дебарца” 2А Скопје.
Рангирањето и наградувањето традицонално го вршела престижна меѓународна организација од Италија низ строг процес на проверка од страна на анонимни инспектори на сите аспекти од понудата и работењето во текот на целата година.
Вики Клинчарова