Акционерското друштво АД „Скопски пазар“, во кое мнозински сопственици бизнисмените Фатмир Етеми и Ацо Дудлоски стана најголем акционер во хотелскиот гигант „Македонија турист“, а Доне Таневски, долгогодишен доминантен акционер во компанијата ги продаде своите акции во неколку наврати и сега има удел од десет проценти.
„Согласно член 38 став 2 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 7.936 акција и сега поседува 86.166 акции односно 19,05% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“, објави Берза.
„Скопски пазар“, фирма која поседува 12 зелени пазари во Скопје сега има 19,05 отсто од акциите во хотелското друштво. Во компанијата која поседува пет големи хотели во Скопје не е повеќе акционер отворениот задолжителен пензиски фонд Сава.
„Скопски пазар“ е компанија во која претседател на Надзорниот одбор е контроверзниот бизнисмен Фатмир Етеми кој е еден од најмоќните градежници и инвеститори во Македонија. Неговите роднини Арменд Етеми и Бесар Етеми се во Управниот одбор на оваа компанија.
Покрај „Скопски пазар“, акционерот „Промедика дооел“ купил дополнителни 10.832 акции и сега компанијата поседува 11,08 отсто од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД.
Акционерот Симеон Павлов купил дополнителни 10.313 акции и сега поседува 10,47 отсто од вкупниот број обични акции, а „Чезакомерц Симеон Роберто и Виктор доо Скопје“ поседува 28.102 акции односно 6,21 проценти од вкупниот број обични акции издадени од компанијата.
Ќерката на Доне Таневски, Мирјана Таневска – Ефремова, која е и претседател на Управен Одбор на Македонијатурист АД Скопје, продала уште 736 обични акции, и сега, како што нагласуваат оттаму, веќе не поседува акции во друштвото. Акции не поседуваат ниту Владо Богдановски, член на Надзорен Одбор кој продал 1.200 обични акции, како и Илија Тренески, член на Управен Одбор
Оваа компанија ги поседува скопските хотели „Холидеј Ин“, „Карпош“, „Бест Вестерн“, „Белви“, „Водно“, „Јадран“ и „Бристол“. Друштвото во текот на 2023 година од работењето со хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности остварило добивка од 96,39 милиони денари или нешто над 1,5 милиони евра која е тројно зголемена во однос на 2022 година кога изнесувала 30,88 милиони денари.
Компанијата не се занимава само со хотелски бизнис туку и инвестира во акции, има удели во фондови и во депозити, а сето тоа е вредно 22 милиони евра. Само во „Комерцијална банка“, хотелската компанија има околу 4 отсто од сите акции на банката која соопшти дека остварила добивка од 72 милиони евра.
Орце Костов