„Скопски пазар“ каде што надзор е Фатмир Етеми стана втор најголем акционер во „Македонија турист“

by Fokus

Скопската компанија за издавање на недвижен „Скопски пазар“ стана втор најголем акционер во хотелиерскиот гигант „Македонија турист“.

„Скопски пазар“ ги купи акциите на тетовската градежна компанија „Изо стоне“ која пак пред три дена купи акции во „Македонија турист“ и сега компанијата поседува 44.500 акции со право на глас во хотелиерската комапнија.

„Скопски пазар“ е компанија во која претседател на Надзорниот одбор е контроверзниот бизнисмен Фатмир Етеми кој е еден од најмоќните градежници и инвеститори во Македонија. Неговите роднини Арменд Етеми и Бесар Етеми се во Управниот одбор на оваа компанија.

Одлуката на „Скопски пазар“ да влезе во структурата на акционери доаѓа неколку дена по потегот на „М.Г.Фешн ДОО“ да стане нов голем акционер во хотелиерскиот гигант. М.Г. Фешн ДОО Увоз-извоз од Скопје поседува акционерски пакет од 7,69 проценти од вкупниот број обични акции на компанијата, односно 34.795 акции.

Минатиот месец највисоката цена на акциите на „Македонија турист“ беше 9.200 денари, а просечната цена 8.293 денари. М.Г. Фешн како нов акционер поседува акции во вредност од над пет милиони милиони евра ако се земе во предвид просечната вредност на една акција.

М.Г. Фешн 20 години е застапник на некои од најпознатите светски брендови чии франшизи ги поседува, а стана позната по изградбата на висококатниците на паркингот спроти хотелот „Холидеј Ин“ кој пак е во сопственост на „Македонија турист“.

Доне Таневски и понатаму останува најголем акционер во „Македонија турист “и контролира 23,4 отсто од капиталот. Неговата позиција делумно е ослабена откако неговата долгогодишна бизнис партнерка Соња Бибановска минатата недела одлучи да ги продаде своите 11 отсто од акциите.

Во турбулентниот октомври, претходно акционерот Соња Бибановска која беше бизнис-партнер на Доне Таневски ги продаде сите нејзини акции со право на глас (вкупно 50.953 акции) по цена од 11.070 денари за акција и во еден ден инкасира 9,2 милиони евра од продажбата. Таа досега беше втор најголем поединечен акционер во таа компанија.

Покрај М.Г. Фешн, други значајни акционери на „Македонија турист “се Доне Таневски, со пакетот од 23,4 отсто, потоа Сава пензиски фонд има 8,8%, Симеон Павлов поседува 8,19 % и уште околу 380 домашни физички лица поседуваат помали проценти акции во „Македонија турист “. Компанијата „Македонијатурист“ во сопствен откуп чува 10 отсто од акциите, но тие согласно законската регулатива се стерилизирани и не носат право на глас, ниту носат дивиденда.

Таневски сега е претседател на Надзорниот одбор, а неговата ќерка Мирјана Таневска е претседател на Управниот одбор и оперативно ја води компанијата која располага со најмногу хотели во Македонија и сите се во главниот град.

Оваа компанија ги поседува скопските хотели „Холидеј Ин“, „Карпош“, „Бест Вестерн“, „Белви“, „Водно“, „Јадран“ и „Бристол“.

Друштвото во текот на 2023 година од работењето со хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности остварило добивка од 96,39 милиони денари или нешто над 1,5 милиони евра која е тројно зголемена во однос на 2022 година кога изнесувала 30,88 милиони денари.

Компанијата не се занимава само со хотелски бизнис туку и инвестира во акции, има удели во фондови и во депозити, а сето тоа е вредно 22 милиони евра. Само во „Комерцијална банка“, хотелската компанија има околу 4 отсто од сите акции на банката која соопшти дека остварила добивка од 72 милиони евра.

Орце Костов

Поврзани новости