Градежната компанија „Бетон-Скопје“ поврзана со Минчо Јорданов поднела тужби против повеќе државни институции и органи за ненаплатени побарувања, така што само од 3 јавни субјекти побарува сума од над 70 милиони денари или над 1,1 милиони евра, пишува последниот број на неделникот Фокус.
Според информациите што ги добивме од скопскиот граѓански суд, скопски „Бетон“ најмногу средства по основ на ненаплатени долгови побарува од Министерството за култура, чиј износ надминува 61 милиони денари или скоро еден милион евра.
Инаку, тужбата се однесува за објектот познат како споменик Мајка Тереза, за кој Министерството за култура своевремено склучи договор со изведувачот „Бетон-Скопје“ во вредност од над 4 милиони евра.
Меѓутоа, не се одвиваат никакви градежни активности откако објектот беше нотиран како дивоградба во елаборатот што го изработи работната група формирана за ревизија на проектот „Скопје 2014“.
Поточно, ова спомен-обележје почна да се гради по одобрение издадено во 2015 година од страна на Министерството за транспорт и врски како објект од прва категорија.
Од ова Министерство велат дека Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам може да постапува, односно да го урне објектот ако отстапува од издаденото одобрение.
Меѓутоа, додаваат од МТВ, тоа треба да се направи по барање на Министерството за култура како инвеститор на објектот, од каде не одговорија прецизно на нашето прашање дали е поднесено вакво барање.
Во исчекување на правната разрешница за овој објект изграден буквално на улица, тој се уште е потенцијален товар врз државниот буџет, со оглед дека од државната каса може да се одлеат милион евра ако „Бетон“ го добие судскиот процес.
Арно ама, од Министерството за култура велат дека во однос на реализацијата на договорот за овој објект настанати се побарувања и на двете договорни страни, така што, истакнуваат од таму, и тие имаат предјавено свои побарувања.
Паралелно со тоа, скопски Бетон побарува и 1,5 милиони денари од Општина Центар и 7,1 милиони денари од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор.
Се уште актуелниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ вели дека досега не им стигнал допис за тужбата, додека директорот на ПУИК Кристијан Трајковски вели дека тужбата се однесува за наплата на камати врз основа на договорот за изградба на стадионот.
Воедно, „Бетон“ по судски пат се обидува да наплати побарувања и од ЕСМ, Топлификација и други субјекти, што доаѓа во време кога опаѓаат приходите на друштвото, а тоа се ослободува од дел од недвижниот имот.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски