Скопје, време е да се спуштиш доле. Ова не е само концерт – ова е културен феномен што никако не треба да го пропуштите, велат од организацијата на најавениот заеднички концерт на двајцата највлијателни артисти на македонскиот хип-хоп, Слаткар и Тони Зен.
Познатите музичари ќе го одржат концертот насловен ,,Спушти се доле” во Арена Борис Трајковски во Скопје на 5-ти април 2025 година. Ова ќе биде нивно заедничко појавување на сцената по долги години, а ќе имаат и бројни гости.
-Тони Зен и Слаткаристика беа имињата кои го држеа македонскиот хип-хоп на пиедесталот, создавајќи култни хитови што го дефинираа идентитетот на една цела генерација. Тие беа гласот на генерацијата што живееше и дишеше урбано – стиховите од нивните песни беа наши мисли, нивниот ритам беше нашиот живот.
По години на индивидуални успеси, креативни експерименти и личен раст, Тони Зен и Слаткаристика решија да се вратат таму каде што сè започна – заедно на сцена. Но овој пат, не само за да го оживеат минатото, туку за да создадат нешто сосема ново. „Спушти се доле“ е повеќе од обичен концерт, не е само музички настан, туку вистинска урбана револуција – гласен повик за враќање на времето кога зборовите беа оружје, а римите резонираа како животни лекции.
На 5-ти април очекувајте вечер исполнета со беспрекорна енергија, хип-хоп химни и изненадувања што ќе ги спојат старите со новите генерации. Ова е моментот кога сите урбани приказни, сите скопски легенди и сите „раперски“ мечти ќе се соберат на едно место. За фановите кои растеа со нив, ова е патување назад во времето, а за новата публика – шанса да го почувствува она што некогаш беше „златната ера“ на македонскиот хип-хоп, велат од Прагма, кои се организатори на настанот.
Од тимот на музичарите додаваат дека тие започнале револуција на македонската хип-хоп сцена пред повеќе од 18 години, а на концертот ќе покажеле дека и денес ја имаат истата енергија.
Картите по цени од 600 до 1.500 денари се пуштени во продажба.
Вики Клинчарова