Скопје утрово е најзагаден град во Европа и 11 во светот според податоците од „IQAir“, специјализирана платформа за мерење на квалитетот на воздухот. Индексот на загаденост изнесува 166, што го става градот во категоријата на високо загадени средини, опасни за здравјето на граѓаните.
На глобално ниво, најзагаден град е Делхи во Индија, а по него следуваат Лахор, Вухан, Карачи и други градови. Скопје е на 11-тото место, единствен европски град меѓу најзагадените во светот.
Главниот град постојано е во првите десет градови по загаденост на амбиенталниот воздух во светот според последните податоци на платформата „Ај-кју-ер“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е во просек околу 60 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 73,2 микрограми на кубен метар.
Загадувањето на воздухот е тема број еден за екологистите и за граѓаните, но не и за политичарите, кои заборавија дека го дишат истиот воздух и, наместо да спроведуваат мерки, само апелираат со празни зборови дека ќе го решат проблемот со нечистиот воздух.
Очите на јавноста се вперени и кон централната власт и кон локалните власти, додека тие очите си ги извадија едни со други, обвинувајќи го противникот што не направил, наместо да откријат што во моментот на владеење преземаат за проблемот.
Дали и колку воздухот е загаден во Македонија, судејќи според нивните изјави, зависи од тоа дали партиите се на власт или во опозиција. Тоа го покажува однесувањето на политичарите и партиите, кои додека се во опозиција реагираат на аерозагадувањето, но ставовите се менуваат од позиција на власт.
Тогаш воздухот за нив не е толку загаден, а податоците на Светска банка дека аерозагадувањето ја чини државата меѓу 500 и 900 милиони годишно, при 1.600 прерано починати годишно од последици на загадувањето, за нив стануваат ирелевантни.
ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија сега вели дека се преземаат мерки против загадувањето, а СДСМ обвинува дека граѓаните се задушуваат. Пред само неколку месеци, буквалниот истиот наратив доаѓаше од двете партии, но тогаш им беа сменети улогите: СДСМ велеше дека секојдневно се преземаат мерки против загадувањето, а ВМРО ДПМНЕ обвинуваше дека граѓаните се задушуваат.
О.К.