Градоначалникот на Скопје отвори нова велисопедска патека на Средно Водно, забележувајќи дека вкупната должина на патеки на кои сега е безбедно да се вози велосипед, изнесува 115 километри.
Ако до неодамна Скопје имаше 50-ина километри патеки, лоцирани на кејот на Вардар и најшироките булевари (Партизанска, Илинденска, Јане Сандански и Александар Македонски), сега градот има поврзани велопатеки од Ѓорче Петров до Пинтија и Маџари. Со пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски Карпош, велосипедската мрежа изби до самата обиколница.
– Работевме на конектори, бидејќи тие ги прават велосипедите функционални. Џабе имавте велопатеки на партизанска и Илинденска, кога немавте начин со точак да преминете од една до друга. Затворањето на Голем Ринг со целосно одвоени велосипедски патеки за мене е многу поважно од квантитетот. Пробивањето на кејот за велосипедите во центарот на градот за мене е многу поважно од колку километри се направиле – посочи градоначалникот.
Бројот на велосипедисти во главниот град е драстично пораснат и тоа е видливо по сите скопски булевари, дури и во зима. Големиот број на топли денови во годината, како и рамниот терен, го прават Скопје град со совршени предуслови за вело метропола. За напредокот на Скопје на ова поле говорат и активистите од соседна Софија кои упатуваат на Скопје како пример како треба да се развива велосипедизмот, порачуваат од кампањата на Шилегов во пресрет на вториот круг локални избори.