Скопје на пола копје

by fokus

Двата малограѓански стила што се надополнуваат и се две страни на една иста паричка го обезличија и трајно нагрдија градот за кој некогаш пееја и Влатко Стефановски, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалковски, Нина Спирова, но и „златните славејчиња“. Денес, Скопје, вака непрепознатливо тешко може да биде опеано, единствено може да биде оплакано, а скопјани засрамени

Звонко ДАВИДОВИЌ

Роден сум во Скопје и се гордеам што моето детство и мојата младост ја поминав во град кој имаше своја душа и свој шарм. Град кој знаеше да го плени секој гостин и да му се вовлече под кожа на тој што, барем, еднаш бил во него. Горд сум што растев меѓу луѓе што знаеја што е солидарност и несреќа, луѓе насмеани што знаеја да го поздрават својот комшија и секој минувач, да помогнат и, пред сè, да живеат заедно и спокојно.

Живеевме скромно, но среќно и исполнето, многу работи немаше, но не се чувствувавме лошо или инфериорно поради тоа. Напротив, бевме горди на она што сме и што можеме. Градот имаше свои легенди кои го обележија минатото и ја испишаа градската историја на едно време во кое живееја луѓе во вистинската смисла на зборот, луѓе што се грижеа за градот и едни за други.

СЕ СРАМАМ ШТО ЖИВЕАМ ВО ОВОЈ ГРАД

Живеам во Скопје и се срамам што живеам во град, кој е огледало на психопатолошките и клептомански нарушувања на провинциските политичарчиња, кои ќе бидат запаметени онака како што се памети голема несреќа или природна катастрофа. Живеам меѓу луѓе што се себични и некултурни, луѓе со провинциски манири и ментален склоп, кои не знаат да поздрават и да бидат поздравени, алчни и прости, ненавикнати на заеднички живот, носејќи го менталитетот на планината, или селото од каде што дошле и кој е засекогаш вткаен во нивните карактери без можност и капацитет да научат и да се сменат.

Живееме себично и разуздано, сè има, само ние се немаме себеси, талкаме без идентитет во град без лице и душа, едни засрамени од обезличувањето и сакатењето на градот, други горди на накарадноста, кичерајот и лажниот сјај по кој чезнееле во својот паланечки ментален склоп. Живеам во град кој ечи од дијалекти и турбофолк, кој личи на креатура изградена од коцки на тригодишно дете, кое си игра и, наместо да мириса на липи, градот мириса на лоповлук и неизживеаност.

Штипскиот барок го погоди Скопје со еднакви, ако не и поголеми последици како земјотресот во 1963 година и го разурна неговото јадро и го обезличи до болка. Преку ноќ, лавовите ги запоседнаа мостовите, споменици никнуваа на секој чекор, по плоштадот историските личности јаваа на коњ, а скопјани личеа на магариња по оваа катастрофа.

Никнуваа десетици барокни згради, безмилосно се корнеше зеленилото и се ставаа темели на секој слободен простор, а милиони евра се одлеваа во џебовите на политичарите на власт, кои приграбуваа плацови на Водно, станови во Центар и ги полнеа своите сметки во странство.

ШТИПСКИ БАРОК И СТРУМИЧКИ РОКОКО СТИЛ

Штипскиот барок или патриотскиот барок го наследи струмичкиот рококо стил, кој уште се нарекува реформаторски доцен барок. Едниот стил го продолжи веќе почнатото во ист стил и на градба и на водење политика и популизам, а и на полнењето на своите џебови. Она малку слободен простор што остана, а што не успеа претходната власт да го заземе и обезличи, актуелната власт веднаш го намириса и го намени за висококатници.

Поради малку слободен простор, а заради максимизирање на профитот и процентот, мораше да се оди во височина кон небото, место за кое оваа самобендисана политичка клика мисли дека им припаѓа. Мора да се признае дека творците на овој стил се покреативни, па не се задржаа само на висококатници, туку и на хортикултурното уредување, па постоечкото зеленило и дрвцата по булеварите го искорнаа за да засадат нови и да го дополнат својот и онака веќе полн џеб.

Како да се натпреваруваат во идеите, па еден ќе гради хотели и куќи на езерото Треска, друг голф-терени во Лисиче, трет цела населба во Карпош, но ниту еден од нив не ја ни погледнува зградата на Централната пошта, која европските организации ја ставиле на список на културното богатство, а за Универзална сала и да не зборуваме.

Двата малограѓански стила што се надополнуваат и се две страни на една иста паричка, го обезличија и трајно го нагрдија градот за кој некогаш пееја и Влатко Стефановски, Зафир Хаџиманов, Драган Мијалковски, Нина Спирова, но и „златните славејчиња“. Денес, Скопје, вака непрепознатливо тешко може да биде опеано, единствено може да биде оплакано, а скопјани засрамени.

 

 

Поврзани новости