Скопје го анализира францускиот предлог, бара чист македонски јазик во преговарачката рамка

by Fokus

Владата останува на ставот за официјален коментар на францускиот предлог за надминување на македонско-бугарскиот спор по неговото усогласување од сите земји членки на ЕУ, но порачува дека македонскиот јазик мора да биде да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка. Во Софија, пак, се очекува информација кога за предлогот ќе се изјасни Народното собрание, а чија волја најави дека ќе ја почитува тамошниот премиер Кирил Петков.

Во  меѓувреме, во домашната јавност, оптимизам и очекување за решавање на спорот до крајот на месецов пристигна од Демокрстаката унија за интеграции, коалицискиот партнер од албанскиот политички блок во власта, а по опозициската ВМРО-ДПМНЕ која побара предлогот да се отфрли, резерва за предлогот вчера изнесе и Демократскиот сојуз,  исто така од владејачката коалиција.

Премиерот Димитар Ковачевски, исто како и министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера порача дека нема да го коментира францускиот предлог и истакна дека тој нема да биде предмет на дискусија затоа што сè уште не е усогласен од страна на сите 26 земји членки на ЕУ. МНР има увид во предлогот и најискусните дипломати, како што информира премиерот, прават анализи, а се следи и развојот на настаните во Собранието на Република Бугарија.

– Доколку таму овој предлог биде усвоен, и кога ќе биде усвоен и кога ќе биде доставен официјално до Република Северна Македонија, тогаш нормално дека тој ќе биде предмет на анализа во детали и споделен со институциите во државата согласно со нашите одредби во законското уредување, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, по средбата со коалициските партнери.

Прашан дали за државава независно дали тоа е во делот на францускиот предлог или не, е прифатливо јазикот да се дефинира по пат на еднострани декларации од двете страни Ковачевски со одговор дека македонскиот јазик мора да биде да биде чист македонски јазик во преговарачката рамка. 

Од Министерството за надворешни работи на Бугарија, пак, вчера во соопштение за францускиот предлог побараа парламентарната Комисија за надвореша политика веднаш да свика состанок со учество на ова министерство на кој ќе се разговара за сите достапни документи за Северна Македонија за да се формулира заедничка бугарска позиција со цел да се утврдат следните дејствија на бугарската дипломатија.

-Во документот се прецизира дека доколку тоа не се случи што е можно поскоро, бугарското Министерство за надворешни работи ќе има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Парламентот од 2019 година и до заклучоците на Советодавниот совет за национална безбедност од 2022 година. Во документот се забележува дека нивната содржина не соодветствува целосно со „францускиот предлог“, јави дописникот на МИА од Софија.

Од Министерството за надворешни работи на Бугарија појаснуваат дека врз основа на документите предложени од француското претседателство и извештајот на Министерството за напредокот на преговорите и фазата постигната во нив, нацрт-билатералниот протокол е испратен до Комисијата за надворешна политика, заедно со писмо во кое се објаснува неговата содржина, но оти по 19 часот во петокот немаше кој да ги однесе овие документи во канцеларијата на Народното собрание на Бугарија. Нацрт-протоколот, како што појаснија од Министерството можеше да се достави и вчера.

Од бугарското МНР,  укажуваат и дека во оваа фаза повеќе не постои објективна можност да се исполнат краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 30 јуни.

Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков, најави нема да донесе никаква одлука без таа да биде поддржана од Народното собрание, додека претседателот Румен Радев оцени дека францускиот предлог е чекор во правилна насока, но, според него, остануваат голем број прашања кои треба да се разјаснат пред да се укине ветото.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак,  вчера изјави дека тој не е во кампусот на песимистите и истакнувајќи до крајот на месецот ќе се најде решение за спорот со Бугарија и ќе има епилог во прилог на мирот, стабилноста и иднината.

 

 

Поврзани новости