„Скопје 2014“ стана покусо за 13 милиони евра, покажува граѓанскиот буџет

by fokus

Министерството за финансии изработи граѓански буџет во кој е на едноставен начин објаснето и илустрирано како се собираат и трошат јавните пари. Според податоците во публикацијата, со ребалансот на буџетот за 2017 година се скратени средства од повеќе ставки за да се обезбедат средства за поприоритетни мерки на Владата.

800 милиони денари, или 13 милиони евра се скратени од расходи за проекти во склоп на „Скопје 2014“. За договорни услуги се скратени 15 милиони евра од средствата што ги предвидела претходната Влада. Од патни трошоци и репрезентација се скратени шест милиони евра, а од материјали и ситен инвентар три милиони евра.

Средствата од кратењата ќе се искористат за зголемување на минималната плата, за обештетување на стечајните работници, за поддршка на мали, средни претпријатија и домашни инвестиции и за одмор на работниците со ниски примања.

Министерот, Драган Тевдовски, вели дека публикацијата е со цел на неекспертската јавност во Македонија, на разбирлив начин да ѝ се претстават клучните информации од Буџетот.

„Граѓанскиот буџет е една од алатките со кои Министерството за финансии ја отвора транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Ние сметаме дека целосниот увид на јавноста во тоа како се трошат парите на граѓаните е важен исчекор во спречување на злоупотребите од страна на носителите на власта. Истовремено, нашата намера е преку зголемување на  информираноста на јавноста да влијаеме на посилно вклучување на граѓаните во креирање на владините програми и политики“, вели Тевдовски.

При секое кроење на државната каса, Министерството со граѓанскиот буџет ќе им ги поедноставува информациите на граѓаните. Следниот граѓански буџет ќе биде објавен со предлог-буџетот за 2018 година.

Тука линк од граѓанскиот буџет на Министерството за финансии.

Поврзани новости