Скопјанката за која лани пишуваше ,,Фокус”, по 40 години си ја најде ќерката која ја дала на посвојување!

by Fokus

Жена од Скопје на возраст од 63 години, чиј идентитет е познат на редакцијата ,,Фокус”, конечно по 40-годишна потрага си ја најде ќерката, која како новороденче ја дала на посвојување во далечната 1984 година.

За животната приказна на мајката, која започнала да ја бара својата ќерка, на која по раѓање и го дала името Елена, ,,Фокус” пишуваше минатата година. Таа раскажа дека живеела во патријахална фамилија, и кога се родило девојчето немала друг излез, освен да го даде на посвојување.

Но, набгру потоа започнала да си го бара детето, а насекаде наидувала на затворени врати. Во интервјуто од лани, таа сподели информации со цел да ја најде ќерката, откри датум на раѓање, колку било долго и тешко новороденчето, даде свој опис, во надеж дека можеби според физичка сличност ќерката ќе може да се препознае.

Денес за ,,Фокус” раскажува дека по четри децении агонија и барање на одговори, конечно ја нашла својата ќерка.

-Ја раскажав мојата приказна во вашиот медиум, бидејќи не знаев како да најдам начин да допрат моите зборови до пошироката јавност, па и до мојата ќерка која толку долго време ја барав. Добив контакти од многу групи на социјалните мрежи кои ја покриваат оваа тематика, со спојување на посвоени деца со биолошки родители, мојата приказна се прошири насекаде.

Така, дошла и до ќерка ми. И таа била во потрага по своето биолошко потекло, се поклопија податоците, датата на раѓање, но и името Елена, за кое посвоителите уште како дете и кажале дека треба да се вика Елена, но сепак и дале друго име.

Првиот контакт со ќерка ми се случи во март годинава. Таа ми напиша порака на социјалните мрежи, започнавме да комуницираме, да споделуваме податоци, и срцето ми кажуваше дека конечно го најдов моето дете. Но, за да бидеме сигурни, направивме ДНК тестирање. Ги чекав резултатите повеќе од еден месец, кога ги добив, немаше повеќе никаков сомнеж. Си ја најдов ќерката! – раскажува со растреперен глас скопјанката.

Вели дека не можела да ги сопре солзите кога го прочитала резултатот, и паднал тешкиот камен кој го носела на душата со години. Како што појаснува, ќерка и била посвоена од македонско семејство на возраст од месец и пол, и со посвоителите живеела во една поранешна југословенска република. Од дете знаела дека е посвоена, а откако починале нејзините посвоители започнала да си го бара потеклото. Сега живеела со семејството во Америка, но наскоро планирала да дојде и да се сретне со биолошката мајка.

-Мене цел живот ќе ми тежи тоа што морав да се откажам од своето дете, да го дадам на посвојување. Бев млада, сама, биолошкиот татко не сакаше да понесе одговорност, си замина во неговата земја, прекинавме контакт.

Сега живеам со сопругот, со кого немаме деца, сами сме, а и тој беше дел од ова мое патување, од оваа долга потрага по ќерката. Не знам ниту самата колку пати добивав некои дојави дека можеби некое девојче е мојата ќерка, барав насекаде, се распрашував, одев незабележано пред домот на луѓе за кои ми било кажано дека можеби ја посвоиле ќерка ми, само од далеку да го видам девојчето, случајно да не ќе препознаам некоја физичка сличност. Многу такви тешки ситуации имав, многу пропатив.

Од разговорите со ќерка ми, таа има разбирање за мене. Изминатото време не се враќа, се надевам дека во иднина ќе изградиме еден квалитетен однос, вели мајката.

Упати порака со сите кои посвоиле дете, да не кријат дека нивното дете е посвоено, да не живеат во лага, бидејќи вистината кога-тогаш излегува на виделина.

Ова е само уште една од бројните приказни за родители кои се во потрага по своите деца, односно за деца кои се во потрага по биолошките родители за кои пишуваше ,,Фокус”. Изминативе години се погласни се апелите да се направат измени во законот и посвоените деца да добијат право да си го знаат потеклото, својот идентитет, како поради генетски болести, така и поради страв од инцест.

Актуелни се и повеќе групи на социјалните мрежи каде се направени датотеки со податоци, а според датум на раѓање многумина ја започнуваат својата потрага, во надеж дека ќе дојдат до вистината.

Се алармира дека освен правото да се знаат генетските болести во биолошката фамилија, никому не смее да му биде ускратено правото да знае си ги знае своите браќа и сестри, па и останати блиски роднини.

Во мај годинава имаше случај кога жена од Скопје ја тужеше државата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, бидејќи според актуелниот Закон за семејство во Македонија, била одбиена да ги добие медицинските податоци за биолошкото семејство. Европскиот суд за човекови права утврдил повреда на правото на приватен и семеен живот во предметот кој бил инициран од Македонското здружение на млади правници – МЗМП.

Пресудата им донесе надеж на посвоените деца, но и на родители кои трагаат по своите деца, кои ги дале на посвојување, дека ќе се направат измените во Законот за семејство, според кој посвојувањата се сметаат за службена тајна.

Вики Клинчарова

Поврзани новости