Девојката која синоќа ја нападнала пејачката Елена Ристевска во клубот „Интермецо“, денеска е приведена и доби кривична пријава.
Како што соопшти МВР, осомничената 38-годишна жена со иницијали Е.Т.П. од Скопје била приведена по пријава од Е.Р. (37) од Скопје, која пријавила дека претходниот ден во угостителски објект на подрачјето на Центар со тврд предмет била нападната од Е.Т.П.
Со Е.Т.П. е извршен службен разговор и таа го признала делото, а извршен е разговор и со сведоци на настанот. По документирање на случајот, против Е.Т.П. е поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство“ по член 386 од КЗ и е предадена на ОЈО Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против Е.Т.П. за насилство.
Ценејќи ги сите околности, пред се можноста за повторување на агресивното и насилното однесување, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка на претпазливост – забрана за осомничената да се приближува или да воспоставува контакти со оштетената.