Скопјанката Ирена Пешова имала непријатна ситуација синоќа откако била пријавена во полиција од, како што вели, нејзина сосетка поради две причини: хранење на улично куче и нечувањето на нејзиното куче врзано со синџир.
Видно изненадена што во 22 часот и дошле полицајци пред врата поради поплака на нејзината сосетка, таа за „Фокус“ раскажа што се случувало.
„Непријатно беше што во 10 часот вечерта ми дојдоа полицајци пред врата, како некој криминалец да сум. Има поплака од мојата сосетка дека сум хранела улични кучиња, нешто што никој не може да ми го забрани и тоа дека не сум го врзувала моето куче во дворот.
И тоа никој не може да ми го забрани. Во дворот моето куче слободно си шета и немало досега никаква несакана ситуација со ниту еден човек“, вели Пешова.
Таа се надева дека ваквата непријатна ситуација ќе заврши за брзо време и дека ниту една од страните нема да преземат дополнителни чекори.
„Не знам што луѓето имаат против уличните кучиња. Тие ни се тука низ нашето маало, сите се грижиме за нив, кога веќе немаат дом. Верувам дека во иднина нема да се соочам повторно со ваква чудна ситуација“, го заврши разговорот Пешова.
Јорданчо Цветаноски