За само неколку дена се распродале сите влезници за новогодишното музичко шоу кабаре „Еуфорија“, кое ќе се одржи на 30-ти декември во Македонска опера и балет во Скопје.
Несекојдневниот спектакл кој ги комбинира танцот, музиката и театарот во едно дело, со смели кореографии и професионална продукција, се покажал како прв погодок кога е скопската публика во прашање. Токму поради големиот јавен интерес за настанот, од Прагма Продукција, кои се организатори, најавија уште една претстава на кабаре шоуто ,,Еуфорија”.
Новиот датум е 14-ти јануари, и влезниците веќе се пуштени во продажба.
-Овој уникатен настан носи повеќе од 30 артисти – танчери, акробати, балерини, вокалисти и актери, една нова генерација на креативци кои со својот талент, иновативни идеи и страст го претвораат секој момент во жива уметничка сцена.
Со над 130 спектакуларни костими, танцувајќи во експлозивен ритам, изведувачите ќе ви раскажат една исклучителна приказна – приказна која ги спојува стилот, танцот и музиката во три различни сегменти.
Првиот дел – класичното кабаре кое ќе ве пренесе во светот на елеганцијата и ретро гламурот. Вториот дел – модерното кабаре кое оживува со смели движења, акробации и моќна енергија што го истакнува современиот дух на сцената. Финалето ќе ве понесе со најголемите балкански и светски хитови, претворајќи ја сцената во еуфорична забава.
Ова не е само обично шоу – тоа е брилијантна фузија на уметност, гламур и страст кое ги обединува сите генерации, велат од организацијата на настанот.
Вики Клинчарова