Скопјани меѓу најнезадоволните од јавниот превоз меѓу граѓаните во Европа

by Fokus

На листата на европски метрополи чии граѓани се изјасниле за најнезадоволни од услугите на јавниот превоз се наоѓа и нашиот главен град. Скопје е речиси на дното на листата од 35 градови, пишува Еуроњуз во анализата „Јавен превоз: Кој е најдобриот и најлошиот град во Европа“.

Според анализата, граѓаните што живеат во градовите од северна и западна Европа пријавиле поголемо задоволство од јавниот превоз, додека оние од урбаните центри во јужна и источна Европа покажале пониски стапки на задоволство.

„Јавниот транспорт има големо влијание врз целокупното задоволство на граѓаните во градот во кој живеат. Според извештајот на Европската комисија, седум до 10 жители во Европа се генерално задоволни од јавниот превоз во нивниот град“, се наведува во анализата на Еуроњуз.

Во Скопје 47 отсто од жителите се задоволни од јавниот превоз. Понезадволни од скопјани се граѓаните на Рим, Тирана, Подгорица, Белград и Никозија. Но, во Скопје освен автобуски јавен превез, нема други опции за траспорт.

Најголемо задоволство од јавниот превоз пак изразиле граѓаните на Виена со 91 отсто. Следат граѓаните на Хелсинки со 89 отсто и на Осло со 88 отсто.

Најмалку задоволни од јавниот превоз се граѓаните на Рим и Тирана со 29 отсто. Задоволството на граѓаните на Подгорица е 37 отсто, додека во Белград се со 44 отсто.

Во анализата на Еуроњуз се забележува дека европските метрополи доживуваат брза трансформација на јавниот превоз.

За безбедноста на јавниот транспорт во европските метрополи, Скопје повторно е речиси на дното на листата, односно 62 отсто од жителите сметаат дека јавниот превоз е безбеден.

Рим повторно е на последното место, а помалку од половина од тамошното население смета дека јавниот превоз е безбеден.

Жителите на Прага дале највисоки оцени за безбедност на јавниот превоз со 93 отсто.

Фактори што влијаат во оценката за задоволството на граѓаните се достапноста, брзината, безбедноста и довербата во јавниот превоз.

Поврзани новости