Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) донесе одлука минималната цена на водата за пиење во Скопје да изнесува 31,53 денари за метар кубен, а максималната 34,82 денари.
Предлогот е доставен до ЈП „Водовод и канализација“-Скопје, кој во рамките на минималната и максималната тарифа, треба да донесе своја одлука и да ја достави на одобрување до Советот на Град Скопје, по што ќе се знае конечната цена која скопјани ќе ја плаќаат за кубик потрошена вода.
Пресметките на регулаторите се дека ако скопски „Водовод“ ја утврди цената на максимално предложениот износ, тогаш граѓаните ќе добијат за 29,5 денари повисоки сметки месечно.
„Тоа не е голема сума на пари и граѓаните ќе можат да ја плаќаат. Но, Советот на град Скопје може да донесе одлука за цена на ниво на минималната цена и тогаш граѓаните ќе имаат поевтина вода“, изјави претседателот Регулаторна, Марко Бислимоски.
Конечната одлука за цената на водата ќе се знае најмногу во рок од 150 дена, кога треба да заврши целата процедура.
Бислимоски порача дека барањата за повисока цена на водоводните услуги јавните претпријатија ги правдаат со зголемените трошоци за струја кои ги пресметувале според берзанската цена на струјата, но поволност е тоа што тие добиле и субвенционирана цена на струјата.