Припадници на полицијата денеска во Катланово приведоа три лица од Скопје, кај кои се пронајден околу седум килограми амфетамин, чија вредност е проценета на околу 40.000 евра, соопшти МВР.
Како што информира портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, припадници на Единицата за недозволена трговија со дрога и Секторот за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во заедничка акција со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во скопското село Катланово ги лишиле од слобода скопјаните М.Ш. (48), Е.Т. (30) и А.З. (19), бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со синтетичка дрога амфетамин со тежина од околу 7 килограми, чија вредност е околу 40.000 евра.
Според Прањиќ Талевска, во текот на ноември и декември 2022 година, по наредба на јавен обвинител од ОЈО Скоје, било спроведено криминалистичко истражување насочено кон осомничени дилери, кои вршеле продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје, Велес, Гевгелија и Тетово.
– Во текот на истрагата од слобода се лишени 13 лица и запленет е околу еден килограм синтетичка дрога амфетамин и марихуана, за што досега се поднесени осум кривични пријави до надлежните Основни јавни обвинителства во Скопје и Велес, а на дел од лишените лица одредени им се мерки притвор, наведе Прањиќ Талевска.