Скопјанец со автоматска пушка кон касиерите во казино си ги барал парите кои ги изгубил на апарати

by Fokus

Против 27-годишен скопјанец е покрената истражна постапка за разбојништво, под сомнение дека на 30-ти јануари вперил автоматска пушка кон касиерот во казино во населба Маџари и на тој начин одзел 22.500 денари.

„На 30 јануари, во казино на улицата „Жан Жорес“ во населбата Маџари, осомничениот со употреба на огнено оружје и сериозна закана дека ќе нападне врз животот и телото на двајца оштетени одзел 22.500 денари. Откако претходно изгубил парични средства додека играл на ВЛТ апарати, тој излегол од казиното и си заминал, но по кратко време се вратил и од под јакната извадил автоматска пушка. Оружјето го насочил кон оштетените вработени и го репетирал, влегол зад пултот и побарал да му ги дадат парите. Еден од вработените му дал паричен износ од 22.500 денари по што осомничениот си заминал“, информираа од Обвинителство.

Од таму додаваат дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје попладнево достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот​.

 

Поврзани новости