Скопјанец кој израснал со песните на легендарниот музичар Тома Здравковиќ си го истетовирал ликот и стихови од песна на својот идол на ногата.
,,Све је у животу пролазно мој друже” биле зборовите од песна на Тома кои имале посебно значење за него, а тату мајсторот Влатко Здравков, кој е автор на тетоважата, штом слушнал за што се работи, веднаш му рекол на клиентот – Тоа е тоа друже, освен стиховите, правиме и портрет на Здравковиќ.
-Ликот на Тома го правев помалку од четири часа. Клиентот подолго време сакаше да го тетовира само текстот, но пресековме и на крај доби тетоважа со стихови и ликот на пејачот-појаснува Здравков за ,,Фокус” додавајќи дека тетоважата е направена неодамна, по промоцијата на биографскиот филм за музичарот.
Тој вели дека една деценија се занимава со тетовирање, а од 2015 година бил дел од студиото MGTATTOOSTUDIO заедно со Горан Миќиќ и екипа од седум артисти, кои секогаш се труделе да ги исполнат желбите на своите клиенти.
-Портретите ми се навистина драги и сакам да ги правам. Секој портрет си носи во себе своја убавина и емоции. Луѓето бараат најразлични нешта, секој со своите желби, ние како тату артисти сме тука да им го дадеме најдоброто и најуникатното. Во фаза сме кога клиентите ни доаѓаат, ги ислушуваме, и според тоа што го сакаат ја креираме тетоважата.
Уникатна и скроена само за нив, исто како што крои кројачот! –раскажува тату артистот.
Истетовирал многу ликови, а првата тетоважа ја направил на негов другар.
-Уште ми е другар, се смее, и вели дека на почеток учел од интернет, а потоа и од други артисти.Најблагодарен му бил на колегата Горан Миќиќ, кој безрезервно му помогнал во работата.
Околу тоа дали има правено тетоважи со ликови на наши пејачи, вели дека се нема случено, а признава дека се имаат случено и неуспешни тетоважи.
-Секако дека имало и неуспешни, од нив потоа доаѓаат успешните. Тоа е всушност она кое те прави појак за следната тетоважа да биде уште подобра – ни изјави Здравков.
Вики Клинчарова