Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за парична казна за лице од Скопје кое наместо да седи во 14 дневна самоизлоација, излегувал од дома и одел во маркет.
Како што се наведува во соопштението од ОЈО, скопјанецот на 17 март, при влез на граничниот премин Табановце потпишал изјава дека ќе се самоизолира во период од 14 дена, бидејќи претходно престојувал во Словенија како ризична земја за ширење на ковид-19. Но, наместо тоа на 25 март излегол од својот дом и бил во маркет.
Јавниот обвинител бара од Судот парична казна за обвинетиот од 2 500 евра поради прекршување на член 206 од КЗ за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
За истото кривично дело ОЈО Скопје поднесе и барање за поведување подготвителна постапка за двајца малолетници, на возраст од 15 и 14 години, кои на 30 март, биле затекнати како се движат во близина на Железничката станица во Скопје за време на полицискиот час.