Итната медицинска помош во Скопје го евидентираше првиот случај на каснување од змија. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) редовно информираат за пријави за змии во населени места, а надлежните апелираат да се внимава во текот на летото, со цел граѓаните да се заштитат од влекачите.
Доктор Драган Панов од Итната медицинска помош во Скопје во изјава за МИА открива дека во вторникот имале пријавен случај на каснување од змија. Станува збор за маж на околу 50-тина години кој престојувал во Идризово.
– Со возило на Брза помош, лицето е пренесено на лекување до Инфективната клиника во Скопје, каде е оставено за понатамошен третман и опсервација, вели Панов за МИА.
Од ЦУК изминатите денови информираа за пријави за змии во повеќе населени места и препорачуваат внимателно движење особено во природа. Нагласуваат дека нема специјализирана служба за заловување и безбедно отстранување на змии.
– Почестата појава на змии во населени места индицира дека локалните самоуправи, а секако и на повисоко ниво, специјализирани институции од ветеринарната област, во рамки на нивните можности, пожелно е да се обидат во соработка со професионалци од ветеринарната област, да им помогнат на граѓаните и за одбивање од одредени површини и реони со различни еколошки средства на змиите, а и со безбедно заловување во одредени случаи кога се во објекти во населени места, велат од ЦУК.