„Скопјане, Скопјане никогаш нема да го земеш името”, „Предавници” „Македонија е грчка“ се дел од извиците на протестот, пред грчкиот Парламент на новиот собир за „одбрана на името Македонија”, јави дописничката на МИА од Атина.
Грците протестираат со слогани и паноа дека Македонија е грчка, со извици против владата и против Договорот за името од Преспа, со пораки до политичарите дека се предавници.
Дел од демонстрантите не се особено љубезни кон новинарите, а на новинарска екипа од една грчка телевизија не и беше дозволено да се вклучи во живо од протестот.
Меѓу насобраните има и припадници на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствена надеж за земјата е Златна зора.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, протестот не е масовен, затворени се неколку улици во делот околу грчкиот Парламент, а има и силно полициско обезбедување.
Меѓу демонстрантите има луѓе од сите возрасти, но и свештени лица.
Протест беше најавен и во Солун.