Склучи мир – ќе те судат, предизвикај војна – ќе те слават

by Фокус

Додека траеле разговорите меѓу две делегации во Босна, треснала граната, која предизвикала паѓање малтер врз главите на преговарачите. И додека странците, за да се заштитат, истиот миг се фрлиле под големата преговарачка маса, домаќините „храбро“ седеле на своите места. Со смеење и, претпоставувам, со презир, ги повикале „кукавиците“ да излезат од под масата. Смешно? Не. И таквата состојба на умот е виновна за војните во Југославија.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Џереми Бентам, авторот на кованицата „меѓународно право“, ќе напише дека знае за многу примери од историјата на Англија кога им се судело на принцови што склучиле мир, но ниту за еден пример во кој некој е осуден затоа што предизвикал војна.

Едвард Гибон, во својата книга „Опаѓањето и падот на Римското царство“, го објаснува тоа низ примерот на римски император, кој склучил мировен договор со варварите и така го спасил Рим и неговите граѓани од застрашувачката судбина да бидат уништени.

Сепак, царот, на крајот, доживеал да биде осуден од јавноста за својата постапка. Имено, како што минувале годините и како што се оддалечувала опасноста од војна, растеле критиките врз императорот поради понижувачкиот договор.

Претпоставувам дека во моментот кога царот го склучил „предавничкиот“ договор со варварите, Римјаните биле свесни за смртната опасност, па дури подоцна, во услови на стабилен мир, почнале жестоки осуди на договорот со кој е спасен Рим.

Некаде две илјади години подоцна, на крајот од април 1992 година, во една мала, непризната земја на Балканот наречена Република Македонија, во кабинетот на Глигоров доаѓаат двајца политички консултанти од странство.

Ричард Фармер од Австралија и Пат Маклеј од Америка седнуваат на масата карши претседателот и неговиот министер за надворешни работи запрепастени од отсуството на свест кај народот за опасноста што ги демне.

Фармер, според белешките на министерот, вели: „Ви треба некаква драматична демонстрација. Не постои свест дека оваа нација е под закана. Луѓето немаат свест за сериозноста на ситуацијата: се смеат, шетаат, одат во кино…

Истото го видовме во Загреб. Не сакаа да стават вреќи со песок сѐ додека не почна пукањето“.
Се уфрлам со прашањето: „Што добиваме ако го шокираме народот?“.

Фармер одговара: „Политиката не треба да го турне народот во бездната. Треба само да го доведе до работ на бездната за луѓето да видат што ги чека. Бесот против власта е секогаш поголем ако навреме не се каже“.

РАМНОДУШНОСТА НА БАЛКАНСКИОТ ЧОВЕК

Хмммм. Во случајот со римскиот император, сознанието за опасноста од варварите кај Римјаните, можеби му помогнало при склучувањето на договорот, но не го поштедило од бесот на народот во подобри времиња на мир.

Се сеќавам дека зборовите на странците беа само потврда на моите стравови од рамнодушноста со која балканскиот човек ја прифаќа несреќата што ја нарекува „судбина“.

Утехата, пак, тој ја бара во оптимизам, кој нема никаква основа во реалноста, туку само во оптимизмот како таков.
Тие години, и бесмислената храброст и бесмислениот хумор, таа анестезија за стравот, го даде својот придонес во опуштањето пред смртната опасност – војната.

На страниците на некој весник прочитав за некаква посета на странска делегација на Босна во самиот почеток на колежот.

Додека траеле разговорите меѓу двете делегации, треснала граната, која предизвикала паѓање малтер врз главите на преговарачите.

И додека странците, за да се заштитат, во истиот миг се фрлиле под големата преговарачка маса, токму како што налагаат правилата за такви ситуации, домаќините „храбро“ седеле на своите места, и кога парчиња малтер ги удирале по главите.

Со смеење и, претпоставувам, со презир, ги повикале „кукавиците“ да излезат од под масата. Смешно? Не. И таквата состојба на умот е виновна за војните во Југославија.

Долго не можев да најдам одговор за причините за таквото поведение, за таквото отсуство на безбедносна култура, да речам.

Додека не разбрав дека рационален одговор нема. Едноставно, некој е ваков, а некој е таков.

НОРМАЛНО НЕБЕЗБЕДНО ПОВЕДЕНИЕ

Тие години, утринското кафе го пиев покрај прозорецот во моето поткровје, кој гледа на една споредна уличка, која се приклучува на улицата Орце Николов.

Забележував како еден родител го вози синчето во градинка, во својата „шкода“. Малото дете секогаш седеше на предното седиште без појас, со рачињата врз делот пред шофершајбната до возачот.

Таткото, пак, провирајќи се во сообраќајот што течеше, забрзано, некогаш и со чкрипење на гумите, се уфрлаше во главната сообраќајница.

Откога ја исклучив можноста дека таткото не го сака своето дете, па затоа го ризикува неговиот живот, заклучив дека едноставно тој е таков.

Во умот. Имено, она што за некого е неодговорно поведение, за друг е сосема нормално и безбедно поведение.
Вака гледано, и првите години на нашата независност можат да се прогласат за безбедни, како и дека Глигоров и соработниците само ја измислиле опасноста заради лична промоција, како спасители на државата и народот.

Денес, кога живееме во мир континуирано 78 години, а од независноста 32, и опасноста од југословенските војни е далеку зад нас, забележувам дека Бентам и Гибон откриле една универзална вистина: ќе те слават ако предизвикаш војна, ама ќе те судат ако потпишеш мир.

Неодамна прочитав текст во кој, од негов современик, тогашниот претседател се обвинува за истиот „грев“. Опасност не постоела. Тоа, се разбира, не е вистина.

За среќа, во светската јавност постои неподелено мислење дека Глигоров успеал да ја зачува земјата од етничките војни во исклучително драматични и опасни услови по неговата држава.

Поврзани новости