Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи – Зејд утре се повлекува од функцијата координатор на пратеничката група Алијанса на Албанците-Алтернатива.
-Врз основа на новите политички случувања и одлуката на Централното собрание на Алтернатива дека ние како политички субјект се приклучивме на извршната власт и на парламентарното мнозинство, утре официјално ќе го известам претседателот на Собранието на Северна Македонија за оставка од координатор на пратеничката група на Алтеранатива и Алијанса за Албанците, се вели во објавата на Реџепи.
Тој потенцира дека неговите понатамошни дејствувања како пратеник на Алтернатива ќе бидат утврдени согласно новиот договор за парламентарно мнозинство.
-Почит до сите пратеници од коалицијата и благодарен сум на вас за досегашната соработка и добрите меѓучовечки односи, истакнува Реџепи.
Претседателот на Алтернатива, Африм Гаши денес во Клубот на пратеници потпиша договор со премиерот Зоран Заев, според кој, неговата партија ќе биде дел од Владата и од актуелното парламентарно мнозинство.