„Скандалозно е маж да станува жена и само со изјава да менува пол“ вели викарниот епископ Стобиски г. Јаков

by Fokus

„Инаетливото туркање на Законите за родова еднаквост и за матична евиденција по секоја цена од страна на владата, навистина не загрижува и не тера да се запрашаме кој навистина стои зад овие закони“.

Ова пред протестот во четврток организиран од МПЦ го изјави Викарниот епископ Стобиски г. Јаков, според кој „носењето на овие закони ќе доведе до потполн хаос, дикататура, тиранија, како што има во најтоталитаристички општества во светот“, пренесе „А1он.

„Очигледно никој не сака да го слушне народот, и немаме друг начин да се спротивстваиме. Затоа апелираме за да ја сочуваме својата традиција, мислење, слобода на говор, нема друг начин освен да се собереме и да кажеме едно големо не за овие несреќни и погубни закони за нашето општество. Еден од законите за измени на матична евиденција веќе е во собраниска постапка, тој е спорен без никаква измена, и по целукупните реакции на јавноста, ниту еден интерпункциски знак не се измени, а камо ли спорните моменти како што е правното признавање на родот. Законот овозможува да измените ознака за пол во матичните книги само врз основа на изјава дека се чувствувате спротивно на вашиот биолошки пол. Тоа е скандалозно. Што се однесува до законот за родова еднаквост многу искусни луѓе кои работеле во законодавството го нарекоа закон во обид. Тоа е франкештајнски склопен закон што не само се заканува да го измени насилно начинот на кој постоиме и живееме туку да спроведе идеолошка диктатура, нешто што е реалност во многу општества кои се соочуваат со последици кои може да се видат на хорор филм“ – вели за А1он, г. Јаков.

Според него, со овие закони се отвора можност секој од општеството да биде препознаен како маж или жена само врз основа на своите индивидуални чувства.

-Оној што се идентификува како жена, биолошки маж, да се изедначи со жените. Со овој закон секој може да биде се. Институциите се однесуваат крајно игнорантски со омаловажување на граѓаните, дека не се важни мислењата на граѓаните, едноставно да се истурка нешто на сила по секоја цена. Иако јавноста сосема аргументирано објаснуваше зошто да не се носи таков закон. Во предлог законот за родова еднаквост имаме такво моќно тело, држава во држава , Секретаријат за родова еднаквост со кој ќе управува вицепремиер, со такви ингеренции, со таква власт, буквално да го дефинира и да го санкционира и јавниот и приватниот живот на поединицот. Алармирам да се разбудиме што ни се заканува. Црквата никогаш не го повикала народот да се буни за нешто, па можете да ја замислите сериозноста, од ова нема враќање назад, а таргет не се само семејните вредности, туку иднината на светот, на општеството, а тоа се децата, нив им се спрема индоктринација, вели тој.

Протестот кој ќе се одржи четврток, во 18 часот пред Соборниот Храм Св Климент Охридски во Скопје.

Тој доби поддршка и од Коалицијата за заштита на децата, од каде ги повикаа сите свои партнери, сите родители и граѓани, без разлика на верската, етничката и партиската определеност, да излезат и да се приклучат на мирниот протест, за да го кажат своето „не“ за менување на како што велат, објективната реалност.

Поврзани новости