Скандалозните измени на КЗ, поради кои застареа многу предмети, пред уставните судии

by fokus

Скандалозните измени на Кривичниот законик, од 2023 година, со кои се намалија запретените казни за злоупотреба на службената положба и овластување, односно на членот 353, во среда ќе се најдат пред уставните судии. Поточно, судиите ќе ја разгледаат иницијативата на претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, во која се бара преиспитување на уставноста на измените на Кривичниот законик.

-Подносителот наведува дека оспорените законски измени се спротивни на владеењето на правото, заштитата на правото на сопственост и еднаквоста која ја промовира Уставот. Во иницијативата е наведено дека со овие измени една категорија граѓани се привилигирани, наспроти правосилно осудените лица кои добиваат дискриминаторски третман и за нив не важи намалувањето на казните, се наведува во појаснувањето за иницијативата, во објавениот дневен ред на Уставниот суд.

Додека се чека одлуката на Уставниот суд, на сила се измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои предвидуваат поблаги казни за функционерите. Актуелната влада најави усвојување на нов Кривичен законик, кој веќе неколку месеци е во Европската комисија, каде треба да се даде мислење, а очекувањата се истиот да биде усвоен во текот на 2025 година.

Од Министерството за правда велат дека едно од клучните прашања во новиот Кривичен законик ќе биде унапредувањето на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, а ќе има и нови кривични дела поврзани со финансиски прекршоци, вклучително и практиката на конфискација на имот.

Поврзани новости