Во објава на Фејсбук, која изобилува со навреди и пцости за Македонците, квалификувајќи ги како „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“, бугарскиот европратеник и поранешен амбасадор во земјава (2001-2005 година) Александар Јорданов порачува дека за Северна Македонија нема место во Европската Унија.
Јорданов е член на партијата Сојуз на демократски сили – СДС, која е во коалиција со ГЕРБ на Бојко Борисов, а во Европскиот парламент (ЕП) делува како член на Европската народна партија – ЕПП.
Неговата објава следува по вчерашите тензии на граничниот премин „Деве Баир“ кога, како што официјално соопшти македонското МВР, поради пад на системот, бугарски граѓани кои беа тргнати за Скопје да присуствуваат на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев, неколку часа стоеја во место.
Ова предизвика тензии и инцидент во кој неколку бугарски државјани со вербални навреди и недолично однесување викаа кон македонските полицајци, што резултираше со тројца приведени бугарски граѓани, а судот во Крива Паланка им изрече казна од 300 евра и забрана за влез во Македонија во траење од три години.