Скандал Перде: Очната лекарка му поднесе кривична пријава на директорот Стојчев

by Fokus 13:29
13:29

Очната лекарка од Градската болница „ 8 септември“ го тужи првиот човек на болницата Сашо Стојчев, поради како што се наведува во кривичната пријава „злоупотреба на службената должност и овластување“, односно несовесно работење во службата според член 353 од Кривичниот законик, затоа што од 25 август доби забрана да оперира по новата фако метода или народски кажано ласерска операција на перде, која трае само 15 минути.

Според овој член, очната лекарка бара директорот да биде казнет со казна затвор од три месеци до три години. Кривичната пријава му била поднесена на 1 септември до Јавното обвинителство, од каде што се уште се чека одговор дали ќе постапуваат по истата.

– Очната лекарка ми поднесе кривична пријава затоа што и забранив да оперира по новата фако метода. Таа веќе три ипол месеци не смее да оперира, не оти јас така сакам, туку тоа го пишува во извештајот на Комисијата за стручен надзор кој излезе дури после една година откако се алармираше за овој проблем. Во самиот извештај пишува дека поради постоење на постоперативни компликации се се гледа дека лекарката не ја совладала техниката. И, што треба да направам јас во таков случај? Кој нормален директор нема да и забрани да оперира – истакна доктор Стојчев за „Фокус“.

- Advertising -

Тој додава дека имаат 50-60 жалби од пациенти, на кои при извршување на ласерска операција на перде, очната лекарка им го оштетила видот.

– Лекарката може да прави калсична операција, но не смее да прави по новата метода, што е многу ризична. И, покрај се, јас и давам 100 посто плата. Тоа што го пишува во извештајот на комисијата го докажуваат и многубројните поплаки – тврди директорот Стојчев.

Пред повеќе од една година, „Фокус“ го објави скандалот „Перде“ во кој околу 50 пациенти кои останале со оштетен вид си ги кажаа своите маки. Дел од нив поднесоа и приватна тужба против очната лекарка за несовесно лекување.

 

 

 

Поврзани новости