Скандал на Охридско лето: Бакрачески го „нападал“ Сашко Коцев!

by Fokus
Скандалозно затворање на Охридско лето, по завршувањето на претставата ,,Ничија земја’’ е она по што ќе се запомни овој културен настан. Како главни протагонисти на настанот, што се случил синоќа во поранешната охридска касарна, се охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, неговиот шофер и актерот Сашко Коцев.
 
Како што дознаваме, претставата во изведба на Македонскиот народен театар започнала со околу дваесет минутно доцнење, поради тоа што публиката ги чекала градоначалникот и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
 
Откако тие се појавиле, жена од публиката им довикнала негодувајќи поради нивното каснење, по што сите присутни ја поддржале со аплауз.
Но не било само доцнењето на политичарите проблем за време на претставата. Како што ни раскажаа очевидци, лошата организација придонела само оние во првите редови да можат да следат што се случува на сцената. Тоа предизвикало револт кај присутните од останатите редови, кои започнале да стануваат, некои си заминале, други пак ја проследиле претставата стоејќи. Имало и такви, кои ги кренале своите мобилни телефони, и на нив ја гледале играта на актерите.
По завршувањето на ,,Ничија земја’’ се случил и најголемиот скандал. Актерот Сашко Коцев, во разговор со свои пријатели се пожалил на немилите сцени, по што Бакрачески, кој со својот шофер седел во близина на кругот на актерот, веднаш му се задал во вербален напад. Со разни пцости, со навреди дека е наркоман и слично, тој ги шокирал присутните.
И покрај тоа што Коцев немал намера физички да се пресметува со градоначалникот поради навредите, неговиот шофер станал во негова одбрана. Тој му се приближил на Коцев, по што присутните веднаш реагирале, а исто така се вмешала и полицијата, чии службеници и го пријавиле случајот. Настанот го потврдија од СВР Охрид.
 
,,Се работи за пријава за нарушување на јавниот ред и мир. Не е важно дали се работи за политичари или обични граѓани, ние мораме да реагираме според закон. Актерот веќе даде изјава, денес се работи и со Бакрачески. Работиме на целосно расветлување на случајот. Сепак, лоша завршница на Охридско лето’’ – ни изјавија од СВР Охрид.
 
Актерот Коцев вели дека не сака да коментира за скандалот.
,,Дадов изјава во полиција. Сепак, не би кажал ништо повеќе. Помина тоа’’ – вели тој.
 
Ниту Никола Бакрачески не беше достапен за коментар. Тој не одговори на нашите телефонски повици, ниту на СМС пораките.
Вики Клинчарова
 

Поврзани новости