Од Специјалното јавно обвинителство ниту потврдуваат, ниту негираат дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева на средбата со Викторија Нуланд барала поддршка за идејата за формирање специјалните одделенија во судовите и МВР кои ќе работат со СЈО.
Од СЈО сепак порачаа дека стојат зад идејата за формирање на специјални одделенија, бидејќи како што велат тоа ќе биде ефикасно и ќе ги забрза истражните постапки за предметите што ги водат.
-Сметаме дека евентуалното формирање на специјални одделенија е целисходно, меѓутоа нашата работа е да спроведуваме независни истраги и поради тоа не би се впуштале во натамошни коментари – велат од СЈО.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска порача дека нема да прифати формирање на овие специјални одделение.
За Груевски неприфатлив е и предлогот за продолжување на мандатот на СЈО, бидејќи како што вели, тоа не било предвидено со договорот од Пржино.