Специјалното јавно обвинителство го објави воведниот говор на обвинителот, Стевчо Донев, кој на денешното рочиште во случајот „Тенк“, го образложи обвинението за набавката на мерцедесот вреден над половина милион евра.
Воведниот говор на обвинителот го пренесуваме во целост.
„Најголем дел од законите се донесени за да го штитат јавниот интерес и со тоа да се спречи исполнување на конкретни лични желби на одредени поединци. Тие што треба да ги спроведуват законите не треба да прифаќаат влијанија од разни центри на моќ и да им ги исполнуваат интересите во спротивност на законите. Најмалку се очекува од највисоките функционери на Министерството за внатрешни работи да не ги почитуваат законите и да потпаѓаат под разни незаконски влијанија.
Во овој случај ќе докажеме дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како Претседател на Владата на Република Македонија, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска – службено лице – министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши и тоа, да се спроведе јавна набавка во која Министерството за внатрешни работи ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката Мерцедес модел С 600 Гард така што во постапката да се фаворизира економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје, па обвинетата Гордана Јанкулоска за да го исполни барањето на обвинетиот Никола Груевски со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски, службено лице – помошник на министерот за внатрешни работи, да стори кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Ова ќе го докажеме од аудио снимките и од другите предложени докази.
Од писмените докази и изјавите на сведоците ќе докажеме дека обвинетиот Ѓоко Поповски, кој бил службено лице – помошник на министерот за внатрешни работи, за да го исполни барањето на обвинетата Гордана Јанкулоска, на незаконски начин со искористување на својата службена положба и овластувања при вршење на јавни набавки, прибавил за економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје корист што се состои од доделување на договор за купопродажба, сервисирање и одржување на блиндирано патничко моторно возило марка Мерцедес модел С 600 Гард.
Од писмените докази од Државниот завод за индустриска сопственост и од сообраќајно – техничкото вештачење произлегува дека обвинетиот Ѓоко Поповски, со цел економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје да нема конкуренција во постапката, а и за фаворизирање на истиот, ставил повеќе технички спецификации што се однесуваат за возилото Мерцедес С 600 Гард кои упатуваат на конкретно производство и трговски марки и без да биде наведено дека можат да се дадат и понуди со други спецификации кои се еквивалентни на наведените во тендерската документација. Со тоа постапил спротивно на чл.36 од Законот за јавните набавки, па поради условите и техничките спецификации што биле дадени во тендерската документација во текот на постапката само економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје дал понуда на 15.05.2012 г. И бил единствен понудувач.
Ќе докажеме дека обвинетиот Ѓоко Поповски, иако бил свесен за незаконското фаворизирање на економскиот оператор и за нерационалното искористување на средствата на Министерството, сепак склучил договорот за јавна набавка со економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје со вредност на договорот од вкупно 35.226.000 денари.
Од аудио снимките ќе докажеме и дека иако јавната набавка била спроведена како да е за потребите на Министерството за внатрешни работи, обвинетата Гордана Јанкулоска го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да го стори кривичното дело за потоа возилото од Министерството за внатрешни работи да се даде на користење и на Претседателот на Владата на Република Македонија, на обвинетиот Никола Груевски, кој сакал да користи такво ново блиндирано патничко моторно возило, но не сакал во јавноста да се дознае дека тој како Претседател на Владата користи такво луксузно возило.
Од писмените докази кои се однесуваат на јавна набавка бр.15-02/2011 за користено блиндирано патничко моторно возило ќе се докаже дека обвинетите знаеле дека набавка на такво ново возило било вонредно скапо, во услови на намалена економска и куповна моќ на Министерството.
На главната расправа во доказната постапка ќе докажеме дека Гордана Јанкулоска сторила кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.23 од КЗ, обвинетиот Ѓоко Поповски сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 од КЗ и обвинетиот Никола Груевски сторил кривично дело Примање награда за противзаконито влијание од чл.359 ст.2 од КЗ.“