СЈО бара максимална затворска казна за поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, кој е обвинет во случајот „Тврдина 2“, за уништување на службена документација поврзана со масовното нелегално прислушување.
Најстрогата казна затвор за Грујевски денеска во Кривичниот суд ја побара обвинителката Ленче Ристовска, образложувајќи го завршниот збор. Обвинителката за останатите шест обвинети во случајот, кои се вработени во УБК побара алтернативна казна, бидејќи немале никаква дамка во службата претходно.
-Бараме најстрога казна за обвинетиот Горан Грујевски кој кривичното дело го сторил на најдрзок начин. Искористувајќи ја и злоупотребувајќи ја својата моќ го наредил и организирал уништувањето на службениот материјал. Тој побегна за да избегне соочување со кривичното дело кое го сторил, рече обвинителката Ристовска, која додаде дека обвинетиот не водел грижа ниту за егзистенцијата на своето семејство кое го оставил на цедило.
Таа додаде дека сите докази покажале дека обвинетите ги сториле кривичните дела и со умисла ја уништиле службената документација која се однесувала на периодот од 2007-2015.
Одбраната од судот пак побара да ги ослободи обвинетите од кривична одговорност бидејќи, според адвокатите не било извршено кривично дело, а ја оспорија и надлежноста на СЈО.