Специјалното јавно обвинителство тврди дека барањата за притвор и мерки за претпазливост за осомничените во случајот „Тврдина” ги содржат сите потребни елементи, но Кривичниот суд неосновано ја проблематизирал надлежноста на СЈО врз овој предмет.
Судот во петокот побара од СЈО во рок од три дена да го доуреди предлогот за притвор на Горан Грујовски, а во спротивност ќе ги отфрли барањата како нецелосни. Истото го наложи и за документите за одредување мерки на претпазливост за другите четворица осомничени, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Од СЈО одговараат дека нивните барања за предметот „Тврдина” се целосни и потенцираат дека Катица Јанева е овластена да истражува и да гони кривични дела поврзани и што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.
-Во образложението на ваквото Ваше барање и мотивите кои Ви биле пресудни да ни го вратите предлогот за притвор на доуредување, можат да се забележат неколку сосема различни правни ситуации на кои се повикувате, а заедничко е што, всушност, ја проблематизирате надлежноста на ова обвинителство за овој конкретен предмет… Од Вашиот допис неразбирливо е дали предлогот за притвор е неразбирлив или не содржи сè што е потребно, па поради тоа ни го доставувате на доуредување, со предупредување дека доколку не го доуредиме, истиот ќе го отфрлите. Според одредбата на која се повикувате, тоа се единствените можности што ги има судот за да врати одреден поднесок на доуредување, меѓутоа од дописот не се стекнува впечаток дека предлогот е неразбирлив или дека не содржи сè што е потребно. Напротив, истиот ги содржи сите задолжителни елементи што ги предвидува законот за таков предлог, по кој може судот да донесе решение во согласност со член 167 од ЗКП“, стои во одговорот на СЈО до судот.