Ексиминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, за случајот „Тврдина” ќе даде исказ пред Специјалното јавно обвинителство, откако ќе направи увид во доказите против неа.
Јанкулоска денеска се повикала на ова право, по што распитот беше одложен, а увидот во доказите е закажан за оваа недела.
– Увидот во доказите е право на странките во постапката и ние тоа им го предочуваме на лицата кои се повикуваат да дадат исказ. На осомничената и беше предочено дека има право на увид и таа го знаеше тоа и го потпиша записникот. Увидот во доказите е договорено да започне оваа недела- велат за Мета од СЈО.
Јанкулоска денеска повторно тврдеше дека е невина и рече дека повикувањата на лица што сега ги прави СЈО се избрзани и се во функција на предвремените избори.
Поранешната министерка е прва осомничена во случајот „Тврдина” за нелегално уништување на опремата за прислушкување вредна 10 милиони евра.