Од институција кој располагаше со огромен буџет, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) сега се дави во долгови. Пари сѐ уште има, но откако екс шефицата Катица Јанева заврши зад решетки и беше разрешена од функцијата, нема кој да потпише за нивно трошење.
Па така, вработените веќе два месеци не земале плата, поради што немаат ниту здравствено осигурување, а СЈО должи и неколку илјади евра за тековни трошоци. Односно, имаат по две неплатени сметки за струја, вода, парно, интернет и телефон, а должат и за кирија, бидејќи просториите во кои се сместени се земени под закуп од ЕВН.
Засега на повидок нема решение како да се исплатат платите и да се подмират трошоците, бидејќи само со закон овие надлежности на Јанева би можел да ги превзеде републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Вакви законски измени се предложени, но пратениците од ДУИ инсистирале овие измени да одат во пакет со Законот за јавното обвинителство, кој пак е блокиран поради несогласување на власта и опозицијата.
Инаку, обвинителите кои беа дел од тимот на СЈО, веќе одреден период се вратени во старите обвинителства од каде што дојдоа, но ова е само на хартија, бидејќигов сѐ уште на работа одат во просториите на СЈО, каде што се наоѓаат и предметите за кои и понатаму се надлежни.
Валентина Вурмо