СЈО има нови 33 „бомби“ за Латас, ќе се слушаат на наредното рочиште за „Тревник“

by fokus

Нови 33 „бомби“, односно телефонски разговори на Драган Павловиќ -Латас со соговорници, ќе бидат презентирани на наредното рочиште за случајот „Тревник“, во кој покрај Латас обвинети се и неговите двајца браќа Срѓан Павловиќ и Звездан Павловиќ.

Овие аудио разговори и други материјални докази на денешното рочиште до судот ги достави обвинителката од СЈО, Елизабета Јосифовска. Одбраната на обвинетите веднаш скокна, односно адвокатките Светлана Савиќ и Анита Бегова приговараа дека обвинителката во оваа фаза на постапката нема право да доставува нови докази.

На оваа забелешка обвинителката Јосифовска образложи дека станува збор за докази поднесени како реплика на доказите на одбраната, потенцирајќи дека тоа право го овозможува законот. Оваа образложение го прифати и судијката Марија Клетничка, која што дозволи доказите да се изведат на наредното рочиште, бидејќи одбраната побара време за да се подготви.

Обвинителката на одбраната им достави транскрипти од сите аудио разговори, а ги повика и во СЈО, кога сакаат да отидат и да ги преслушаат „бомбите“, за кои што рече дека траат 1 час и 50 минути.

Адвокатката Бегова и по завршувањето на рочиштето, во судница, се спротистави за новите докази, па и порача на судијката дека сега и тие со месеци ќе предложуваат нови и нови докази, со што постапката ќе се одоговлекува, коментирајќи дека требало да се води сметка за економичност на постапката. Судијката Кчетничка и порача да не и се заканува, и да ги искористат сите права што им следуваат со закон.

Повикан се најде и Латас, па и тој загрижен дека на овој начин постапката ќе се одоговлекувала, искоментира дека некој не водел сметка за судските трошоци, кои како што рече, ги плаќал народот.

На денешното рочиште одбраната вршеше распит на Латас и на неговиот брат Срѓан Павловиќ.

Латас на прашањата на својата адвокатка одговори дека земјиштето во Зелениково, заедно со браќата, го купиле од четири семејства и таму планирале да градат викендици. Појасни дека ги поднеле сите потребни документи за пренамена на зејиштето за да можат да градат, а во два наврати поднеле барање за градба до општината, еднаш во март 2012 година, а потоа и во декември. Како што рече платиле и комунали, а добиле и имотни листови.

На прашањето на обвинителката, зошто во два наврати поднеле барања, тој одговори дека првиот пат не добиле одговор и дека градоначалникот му појаснил дека немале стручен кадар, па да се стрпеле. На прашањето пак, дали со барањето за градба доставил и проект за градба, Латас рече дека не се сеќава, и дека тоа било оддамна. Неговиот брат пак истакна дека тој поднел проект за градба.

Според обвинението, браќата изградиле три викенд-куќи во општина Зелениково без да имаат право на ваква градба, односно граделе без одобрение за градење. Латас изградил викендичка од 317 квадратни метри, а неговите браќа, викендички со квадратура од 130, односно 104 квадратни метри.

Во прибавените докази на СЈО, меѓу кои и сателитски снимки, вештачење, како и останата документација, овие три викенд-куќи биле започнати со градење во 2011 година, а одобрение за нивно градење од општината е добиено во 2013 година кога веќе биле и завршени.

Наредното рочиште е закажано за 31 мај.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости