СЈО денеска се враќа во УБК

by fokus

По синоќешните бркотници со полицијата и Управата за безбедност и контраразузнавање, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим денеска се враќаат во Управата.

Обвинителката Ленче Ристовска вчеравечер рече дека денеска ќе дојдат во УБК за да ги одземат и останатиот дел од документите за масовното прислушување.

Синоќа во Управата немаше никој од тимот на СЈО, а опремата за прислушување, како што тврди министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ја чуваше обезбедувањето на МВР, бидејќи дежурниот истражител на СЈО беше избркан.

Катица Јанева нешто по полноќ, мораше да отиде лично да провери што се случува, но наиде на затворени порти од централата на министерството, па десетина минути се натегаше со портирот да ѝ отвори.

Претходно синоќа, додека Јанева беше на интервју во телевизијата Телма, еден истражител ѝ беше приведен и задржан во полициската станица „Беко”, бидејќи, како што кажа и министерот, фотографирал објект на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Венда по интервјуто, Јанева беше до полициската станица и си го зеде истражителот, за кој непомена дека бил неосновано задржан. После тоа го зеде и избрканиот истражител и се врати во просториите на СЈО, откако доби уверување од министерот Спасовски дека обезбедувањето на МВР ќе ги чува опремата и доказите во УБК.

СЈО веќе четврт ден се обидува да спроведе два судски налога за одземање документација за посебни истражни мерки и снимени разговори од УБК во периодот од 2008 до 2015 година, за да се открие кој пруслушувал и кој бил прислушуван.

Јанева во интервјуто на Телма, најави дека ќе поднесат соодветни пријави за сите лица и институции кои ја опструираат нивната работа и одземањето докази од Управата.

Поврзани новости