СЈО дава амин за продажба на мерцедесот од 580.000 евра, зошто не им треба како доказ

by fokus

Одлуката на Владата да го продаде мерцедесот од 580.000 евра не му пречи на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), иако за набавката на мерцедесот во тек е судска постапка, која тие ја иницираа. Од СЈО не успеавме да добиеме официјалнен став за продажбата на мерцедесот, односно дали и тие се согласуваат, но како што дознаваме неофицијално, продажбата за нив не е проблематична.

За СЈО мерцедесот не претставува доказ затоа што тие ја оспоруваат постапката како е набавен, а не вредноста и дали навистина е набавен. Исто така, како што неофицијално дознаваме, тие сметаат и дека автомобилот не можел да биде запленет, бидејќи е сопственост на државата. Заклучокот е дека според нив нема формални пречки за продажба.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, пак, во изјава за „Фактор“ неодамна истакна дека Владата не смее да го продава мерцедецот бидејќи  е дел од предмет на сторено кривично за коe се води истрага.

„Мерцедесот би требало со судската одлука  привремено да биде одземен до крајот на завршување на постапката, а потоа Судот треба да одлучи што понатаму со возилото, дали ќе го довери на некој Орган или ќе го продава и итн. Продавањето на автомобилот визави истиот предмет не е допуштено.  До правосилноста на пресудата  Мерцедесот кое дел до истрага на СЈО е во надлежност на Судот и не може да се оттуѓува. Се чудам како никој во Владата не знае дека не може да се продава  предмет (Мерцедесот) кој е дел истрага“- изјави за „Фактор“ поранешениот претседател на Врховниот суд, Илиев.

Директорот на службата за општи и заеднички работи при Владата на Република, Пеце Мирчески пред неколку дена соопшти дека во Владата донеле одлука за продажба на патничко моторно возило Mercedes-benz S 600, сопственост на Службата.

Според  него, целокупната постапка се води согласно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост. Врз основа на направената процена, од страна на Министерството за правда – Биро за судски вештачења – Скопје, проценетата вредност на возилото, што воедно ќе биде и почетна цена најавното наддавање, изнесува 14.372.208,00 денари.

За набавката на мерцедесот во тек е судски процес во кој им се суди на екс премиерот Никола Груевски, поранешната министерка Гордана Јанкулоска, и Ѓоко Поповски.

-Во овој случај ќе докажеме дека во 2012 година обвинетиот Никола Груевски, како Претседател на Владата на Република Македонија, со искористување на своето реално влијание и службена положба, побарал од обвинетата Гордана Јанкулоска – службено лице – министер за внатрешни работи во Владата на Република Македонија да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши и тоа, да се спроведе јавна набавка во која Министерството за внатрешни работи ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило од марката Мерцедес модел С 600 Гард така што во постапката да се фаворизира економскиот оператор МАК АУТОСТАР ДООЕЛ Скопје, па обвинетата Гордана Јанкулоска за да го исполни барањето на обвинетиот Никола Груевски со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски, службено лице – помошник на министерот за внатрешни работи, да стори кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. Ова ќе го докажеме од аудио снимките и од другите предложени докази, истакна обвинителот Стефчо Донев во воведниот говор пред судот.

В.В.

 

Поврзани новости