Обвинетите во случајот „Тарифа“ на СЈО денеска во Кривичниот суд уште еднаш повторија дека не се чувствуваат виновни, а обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов, сепак побара да бидат осудени, истакнувајќи дека доказите укажуваат на нивна вина.
Судењето за овој случај започна од почеток, поради смена на судијката. Сега случајот е во рацете на судијката Софче Гаврилова Ефремова.
Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов рече дека според доказите ќе докажат дека тројцата обвинети се сторители на кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Обвинетите, како што истакна Пеливанов, ја злоупотребиле службената положба за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД ЕЛЕМ со што и причиниле имотна штета на компанијата од 456.560 евра.
Обвинетите Дејан Бошковски, Методиј Стојменовски и Ненад Ѓорѓовски на денешното рочиште се изјаснија дека не се виновни.
– За делото кое што ми се става на товар, не се чувствувам виновен. Во ниеден момент од своето работење во АД ЕЛЕМ од октомври 2012 до септември 2016 година не сум ги прекршил законите на РМ, рече Бошковски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето при јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Тие му овозможиле на конзорциумот, кој подоцна го добил тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немал доставено комплетна документација.