СЈО бара нов притвор за Груевски во „ТНТ“, поради опасност од бегство во иднина

by fokus

Апелациониот суд по поднесена жалба му го укинал притворот на екс премиерот Никола Груевски, одреден за судскиот случај „ТНТ“, односно за рушењето на „Космос“.

Ова на денешното судско рочиште го откри обвинителот на СЈО, Бурим Рустеми, кој од судечкиот совет побара на обвинетиот Груевски повторно да му биде одреден притвор.

-Повторно бараме на Груевски да му биде одреден притвор, според член 165, став 1, точка 1, од Законот за кривична постапка, бидејќи тој веќе еднаш избега, па постои ризик тоа да го направи и во иднина, рече обвинителот Рустеми.

Во посочената законска одредба е наведено дека на лице му се одредува притвор ако „се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство“.

Адвокатот Мехмед Сефери, кој  на бегалецот Груевски му беше поставен по службена должност, беше краток и само рече дека останува на претходните жалбени наводи.

На денешното рочиште за „ТНТ“ се испрашуваат сведоци предложени од одбраната.

В.В.

 

Поврзани новости