Специјалното јавно обвинителство поднесе жалба до Апелациониот суд по однос на пресудата во случајот „Тифани“ каде на новинарката Ивона Талевска и беше пресудена условна казна од две години за затајување на данок.
-Поднесена е жалба до Апелација, се бара да се преиначи пресудата во ефективна затворска казна. Се бара и повисока парична казна за нејзе како физичко лица и за приватните фирми каде се јавува како управител – велат од СЈО за „Фокус“.
Според пресудата на Кривичниот суд Талевска ќе треба да ја врати целата сума, за која се сомничеше во случајот „Тифани“, a треба да плати и околу 1.000 евра за направено вештачење.
Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за даночните 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што одбегнала да плати 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.